ОУ „КРСТЕ ПЕТКОВ МИСИРКОВ“ ОД ОРИЗАРИ ГО ОДБЕЛЕЖА ПАТРОНИОТ ПРАЗНИК

ноември 18, 2025
0 минути

Основното училиште „Крсте Петков Мисирков“ во Оризари го прослави својот патронен празник, посветен на еден од најголемите македонски просветители и јазичари.

Празникот беше проследен со бројни активности во чест на Мисирков, чие име училиштето го носи како симбол на посветеноста на образованието и чувањето на македонскиот јазик и култура.

Училиштето „Крсте Петков Мисирков“ беше домаќин на учениците, наставниците, родителите, како и локалната заедница, кои заедно ги одбележаа овие важни моменти.

По повод празникот, беа организирани различни активности, вклучувајќи презентации, литературни и ликовни конкурси, есенски базар, драмски изведби на учениците како и хуманитарен фудбалски натпревар преку кои учениците и наставниот кадар на најдобар начин ја покажаа љубовта и почитта кон ликот и делото на Мисирков.

Директорката на училиштето, Милева Богданова истакна дека празникот е од големо значење не само за училиштето, туку и за целата заедница.

„Ви благодарам што одвоивте време да дојдете на оваа наша свеченост и заеднички да оддадеме почит на нашиот патрон Крсте Петков Мисирков. Вечерва го славиме раѓањето на кодификаторот на македонскиот литературен јазик и правопис Крсте Петков Мисирков. Нашето училиште континуирано бележи успеси од самиот почеток па до денес. Се афирмираме на сите полиња и активно учествуваме во различни проекти од општинско, регионално, државно и меѓународно ниво. Морам да истакнам дека задоволството е големо кога си раководител на училиште во кое постои одлична клима за работа и учење. Постигнатите успеси се заеднички на сите вработени, ученици и родители кои како големо семејство даваат заеднички придонес во постигнувањето на резултатите. Сакам да упатам голема благодарност за работата на наставниот кадар, за вложеноста во наставно образовниот процес, како и за посветеното работење на своите професионални обврски. Исто така сакам да им се заблагодарам на учениците за големата одговорност, соработка и трпение. Само на ваков начин докажуваме дека заедно можеме и сакаме да живееме, учиме и создаваме! Нека ни е честит празникот, за многу годин, рече“ Милева Богданова, директорка на ОУ „Крсте Петков Мисирков.

Учениците од прво до деветто одделение блеснаа на сцената и преку своите музички точки зборуваа за сплотеноста, за љубовта, за другарството, меѓусебното разбирање и порачаа насекаде да има насмевки и музика. Салата на училиштето беше исполнета до последно место, а учениците за своите изведби добија силен аплауз. По повод патрониот празник на бистата на патронот Крсте Мисирков во училишниот двор беше положено свежо цвеќе.

КОМЕНТАРИТЕ  СО  НАВРЕДЛИВА  СОДРЖИНА  И  ВУЛГАРНОСТИ  ЌЕ  БИДАТ  ИЗБРИШАНИ  А  НИВНИТЕ  АВТОРИ  БЛОКИРАНИ