Црвен крст на Република С. Македонија – Општинска организација Кочани во соработка со СОУ „Гошо Викентиев“ и СОУ „Љупчо Сантов“ во вторник на 09 декември ќе ја реализира предвидената младинска акција за дарување на крв.
Акцијата е наменета за сите средношколци над 18 години, студенти и млади лица и ќе се реализира во периодот од 9 до 13 ч. во просториите на СОУ „Гошо Викентиев“ – Кочани. Крв може да даруваат и лица со наполнети 17 години и 6 месеци со претходна писмена согласност од родител што може да се подигне директно од училишатата или Црвен крст Кочани.
Акцијата е 19 по ред што се реализира во тековната година, а втора акција исклучиво наменета за средношколци и млади лица. Поради тоа ги повикуваме сите млади лица над 17 и пол години, средношколци и студенти да се вклучат во акцијата и со хуманиот гест на првократно крводарување да станат дел од големото семејство на крводарители, истакнаа од Црвен крст Кочани.
Дарувањето на крв е доброволно, анонимно и бесплатно. Крводарител може да биде секоја здрава личност од 18-65 години. Жените можат да даруваат крв на секои 4 месеци, додека мажите на секои 3. Дарувањето крв не е болно, не создава навика и не му штети на организмот. Пред секое дарување крв се врши лекарски преглед. Дарувањето крв е корисно со тоа што ќе го проверите вашето здравје. На крводарителите како почитувани членови во општеството, Црвен крст им доделува признанија. Со 10 дарувања на крв, секој крводарител е ослободен од плаќање на сите видови болничка партиципација.
Црвен крст – Кочани
КОМЕНТАРИТЕ СО НАВРЕДЛИВА СОДРЖИНА И ВУЛГАРНОСТИ ЌЕ БИДАТ ИЗБРИШАНИ А НИВНИТЕ АВТОРИ БЛОКИРАНИ
