ПАРТНЕРСКИ ПРОЕКТ НА „НАЦИОНАЛЕН РОМСКИ ЦЕНТАР“ – КУМАНОВО И КОМПАНИЈАТА „ДЕЛТЕКС“ – КОЧАНИ

март 8, 2022
1 min read

Националниот ромски центар од Куманово и компанијата „Делтекс“ од Кочани почнаа партнерски проект со две кампањи за задржување на работните места на лицата од ромската етничка заедница и за подобрување на имиџот на текстилниот сектор.

„Со слоганот „Скрој го сопствениот успех“ сакаме да ги мотивираме невработените, посебно Ромите, своето вработување да го побараат во текстилниот сектор и да добијат можност за сигурна работа, сигурна плата и за подобрување на егзистенцијата на своето семејство и на локалната заедница. Во рамки на кампањата „Сигурна работа за сигурен живот“ целта е да се се мотивираат Ромите да ги задржат своите работни места, со што покрај плата, ќе си обезбедат здравствено и пензиско осигурување. Очекуваме интерес од локалната ромска заедница, за да се надминат ризиците од невработеност и од вклучување во сивата економија. Покрај кампањата во Кочани, се спроведува уште една во Скопје“, истакна Катерина Бојковска од Националниот ромски центар од Куманово.

Од компанијата „Делтекс“ изразија подготвеност за нови вработувања на Роми, со оглед што веќе имаат позитивно искуство во соработката со ромската етничка заедница.

„Имаме вкупно 40 вработени од кои пет се Роми, а наша цел е да го мотивираме и едуцираме ромското население, посебно жените, дека треба да бараат редовно и сигурно вработување на неопределено време. Со тоа ќе добијат професионална определба, социјализација, но и економска сигурност за своите семејства“, истакна Љупка Ѓорѓиева Ангелова од компанијата „Делтекс“.

Ромите кои веќе се ангажирани во кочанската текстилна компанија рекоа дека се задоволни од условите за работа и ги повикаа и другите свои сограѓани да побараат сигурно и достоинствено работно место.

„Јас и целото мое семејство работиме овде, добиваме добра плата, осигурани сме и за овој период животот целосно ми се промени на подобро. Кој сака да работи може да најде вработување кај нас, за да обезбеди егзистенција за себе и своите блиски“, истакна Шемзазе Азизова, вработена во „Делтекс“.

Проектот „Организациски развој на НРЦ и подобрени способности за вработување и претприемништво на млади и жени Ромки“, се реализира со поддршка од Шеведската организација за развој – We effect и Шведската агенција за меѓународна соработка и развој – SIDA.

С. Ивановски