НОВА ДОНАЦИЈА ЗА КОЧАНИ ОД КРАЊ – КАМИОН ЗА КЈП „ВОДОВОД“

април 30, 2026
0 минути

Комуналното претпријатие од словенечката општина Крањ донираше камион за потребите на КЈП „Водовод“ – Кочани.

Возилото претставува значајна поддршка за претпријатието, особено во делот на ефикасен транспорт и ракување со големите контејнери за отпад, со што директно ќе се унапреди одржувањето на јавната хигиена.

Донацијата што се реализира во знак на децениското пријателство на двете збратимени општини и за поддршка на Кочани по трагедијата во „Пулс“, беше повод делегација од Крањ да престојува во Кочани.

Општината Крањ ја претставуваше долгогодишниот советник и функционер Игор Велов, кој на градоначалникот на Кочани Владко Грозданов ги пренесе поздравите од градоначалникот Матјаж Раковец, како потврда на досегашната и проширување на соработката од граѓанска и противпожарна, сега и во областа на животната средина.

На средбата со градоначалникот Грозданов присуствуваа и директорот на комуналното претпријатие од Крањ, Матјаж Берчон и раководителката на Секторот за отпад, Симона Бергант. Градоначалникот Грозданов се заблагодари за поддршката, истакнувајќи го значајниот придонес на Крањ за одржувањето на јавната хигиена во Кочани.

Ова е втора донација од Крањ, по противпожарното возило со скала, донирано 2020 година, за потребите на ТППЕ – Кочани.

КОМЕНТАРИТЕ  СО  НАВРЕДЛИВА  СОДРЖИНА  И  ВУЛГАРНОСТИ  ЌЕ  БИДАТ  ИЗБРИШАНИ  А  НИВНИТЕ  АВТОРИ  БЛОКИРАНИ