Во Сабота со почеток во 16:30 часот во Кочани на стадионот „Никола Мантов“ се игра дерби натпреварот од Втората Фудбалска Лига, „Согово“ ја пречекува „Брегалница“. Кочанчани ја одиграа една од најдобрите полусезони оваа пролет, моментно се на петтото место со желба да го сочуваат во преостанатите две кола колку што има да се одиграат. „Брегалница“ пак со големи амбиции доаѓа во Кочани. „Штипските сини“ заслужено се лидери во првенството и со победа во Кочани, која за нив е императив ќе си го визираат пасошот за враќање во Првата Фудбалска Лига. Двете екипи се во одлична форма па се очекува во саботата во Кочани да биде празник во фудбалот.

Сличен ваков натпревар и двете екипи одиграа пред 33 години (13.06.1993 година) во Првиот фудбалски шампионат во самостојна Македонија., и тогаш императив на победата беше само за екипата на „Брегалница“, додека на домаќините им одговараше и нерешен резултат во борба за зачувување на прволигашкиот статус. Тој натпревар барем според проценките на новинарите се одигра пред околу 8000 гледачи од кои голем број беа дојдени од Штип предводени од „Фалангата“. Декорот особено што го направија „Сејмени“ беше величествен а натпреварот полн со набој. Гостите поведоа со голот на Манев во 43’ а „Осогово“ израмни преку Димитров во 47’. Но во 53’ Манев повторно ја затресе мрежата на „жетварите“ па се влезе во минути на исчекување за двете екипи. Дописникот од Кочани Слободан Арсов за весникот „Вечер“ напиша: „Се играше 83 минута кога гостинскиот играч Маниќ во својот шеснаесетник играше со рака, а тоа беше доволно судијата Стојчевски да покаже на белата точка. Меѓутоа, веднаш по оваа одлука сите играчи се стрчаа кон судијата Стојчевски и со удирање и влечење го испратија во соблекувалната, при што истиот мораше да ја прекине средбата“. Подоцна натпреварот беше регистриран со 3:0 службен резултат за „Осогово“.

Државен шампион стана екипата на „Вардар, а во втората лига се преселија „Металург“, „Брегалница“, „Тетекс“ и Вардарски.

Од тогаш помина долго време, ривалството остана, „фалангата“ најавува масовно доаѓање во Кочани и затоа се очекува еден фер и коректен натпревар кој навистина ќе биде празник на фудбалот.

С. Ивановски
КОМЕНТАРИТЕ СО НАВРЕДЛИВА СОДРЖИНА И ВУЛГАРНОСТИ ЌЕ БИДАТ ИЗБРИШАНИ А НИВНИТЕ АВТОРИ БЛОКИРАНИ
