ЗАПОЧНУВА ПОДГОТОВКАТА НА ТЕХНИЧКА ДОКУМЕНТАЦИЈА ЗА ГЛАВНИОТ ДОВОДЕН ЦЕВКОВОД ЗА ТОПЛА ВОДА

мај 27, 2026
0 минути

Започнува подготовката на техничка документација за главниот доводен цевковод за топла вода на релација Долни Подлог – Кочани

Кочани, 27 мај 2026. Денеска во Општина Кочани беше одржан состанок по повод потпишувањето на договорот за изработка на техничка документација за главниот доводен цевковод за топла вода на релација Долни Подлог – Кочани, заедно со главниот резервоар.

Изработката на техничката документација се реализира во рамките на проектот „Јакнење на општинските капацитети за имплементација на проекти“ на УНДП, финансиран од Владата на Шведска, преку Фондот за техничка документација.

Со подготовката на проектната документација ќе се создадат предуслови за понатамошно аплицирање и обезбедување средства за реализација на проектот. Проектот претставува важен чекор кон подобрување на енергетската сигурност и ефикасност, како и кон намалување на загадувањето на животната средина преку подобро искористување на расположливите геотермални ресурси.

Во рамките на техничката документација ќе се разгледаат и идните потреби на јавните објекти во Кочани, како и можностите за нивно поврзување кон системот за снабдување со топла вода. На овој начин, проектот ќе обезбеди основа за долгорочно, одржливо и поефикасно користење на енергијата во интерес на граѓаните и јавните институции.

Градоначалникот на Општина Кочани, Владко Грозданов, истакна дека: „Овој проект е од големо значење за Кочани, бидејќи отвора можност за подобро искористување на геотермалниот потенцијал и за создавање поефикасен и поодржлив систем за снабдување со топла вода. Со подготовката на квалитетна техничка документација правиме важен чекор кон обезбедување средства и реализација на проект кој ќе донесе долгорочни придобивки за јавните објекти, граѓаните и животната средина.“

На состанокот учествуваа претставници на Општина Кочани и УНДП, како и претставници од експертскиот тим ангажиран за подготовката на проектот. Активностите ќе се реализираат во блиска координација со сите засегнати страни, со цел обезбедување квалитетно, технички изводливо и одржливо решение.

Овој инфраструктурен проект претставува значаен чекор кон создавање подобри услови за живот, поголема енергетска ефикасност и почиста животна средина во Општина Кочани.

Општина  Кочани

КОМЕНТАРИТЕ  СО  НАВРЕДЛИВА  СОДРЖИНА  И  ВУЛГАРНОСТИ  ЌЕ  БИДАТ  ИЗБРИШАНИ  А  НИВНИТЕ  АВТОРИ  БЛОКИРАНИ