ОСВЕТЕН ЧЕЛИЧНИОТ КРСТ НА КРУЖНИОТ ТЕК ВО БЛИЗИНА НА ОПОЖАРЕНИОТ ОБЈЕКТ „ПУЛС“

јули 12, 2026
1 минути

По повод Петровден, празникот на Кочани, денеска беше осветен челичниот крст, поставен на западниот влез во Кочани, само на неколку метри од опожарениот објект „Пулс“.

Крстот висок 17 м и широк 12 метри, го освети неговото високопреосвештенство митрополитот Брегалнички г. Иларион со црковнослужителите од храмот „Св. вмч. Георгиј“ од Кочани.

Во присуство на градоначалникот на Општина Кочани Владко Грозданов, родители на настраданите деца во трагедијата од 16 март 2025 година и верници беше истакнато дека крстот има двојно значење.

„Го осветуваме крстот којшто е издигнат овде и којшто ќе сведочи како победа на смртта. Крстот е силно оружје и победа над злото. Но исто така е победа над непријателите, началствата, лукавствата и властите. Крстот е поткрепа, крстот е сила, крстот е утеха. Овој крст ќе нѐ потсетува и на болката и трагедијата што се случи овде во нашиот град. На повредените нека им подари здравје, сила и поткрепа да закрепнат и дај Боже постојано да останеме во заедница, во љубов со Бога, со силата на крстот со којшто е победена смртта, да ги победуваме сите искушенија и страданија во овој свет“ истакна владиката Иларион.

Митрополитот Брегалнички Иларион им посака многу здравје, мир и благослов божји на сите коишто го украсија овој крст и помогнаа ова дело да сведочи дека со крстот е победена смртта.

Крстот е изграден со поддршка од Брегалничката епархија, општествено одговорни компании и Општина Кочани, која обезбеди проектна документација, одобрение за градба, односно решение за поставување спомен-обележје.

КОМЕНТАРИТЕ  СО  НАВРЕДЛИВА  СОДРЖИНА  И  ВУЛГАРНОСТИ  ЌЕ  БИДАТ  ИЗБРИШАНИ  А  НИВНИТЕ  АВТОРИ  БЛОКИРАНИ