Денес се одржа втората работилница во рамки на проектот „Y-Reach“, кој се реализира преку програмата Еразмус+ и е насочен кон реинтеграција на млади од социјален ризик. Проектот се спроведува во партнерство со организации од Франција и Бугарија, а младинските работници од Општина Кочани и невладината организација АВЕНА ги презентираа трите проектни идеи пред околу 40 учесници, претставници на институции, организации и млади Роми, кои активно се вклучија во процесот на избор на иницијатива од мал обем за подобрување на локалната заедница.

Во текот на работилницата беа презентирани три проектни идеи:
„Youth Discovery Challenge“ – проект насочен кон превенција на младинската деликвенција преку едукативни предавања, интерактивни активности и подигнување на свеста за ризиците од зависности, негативни влијанија и несоодветно друштво.
„Спортувај, волонтирај, инспирирај за АСНОМ“ – иницијатива чија цел е реконструкција и уредување на спортскиот терен во населбата АСНОМ, како и спроведување волонтерски акции за уредување и разубавување на просторот, со цел создавање поквалитетни услови за спорт, рекреација и дружење на младите.
„Ревитализација на Спортскиот центар Бавчалук“ – проект кој предвидува реконструкција и уредување на санитарните јазли во рамки на Спортскиот центар Бавчалук.

По завршувањето на презентациите, преку поединечно гласање на сите присутни учесници, за проект кој ќе биде реализиран беше избрана иницијативата „Спортувај, волонтирај, инспирирај за АСНОМ“.
Реализацијата на проектот е предвидена да се одвива до крајот на тековната година, согласно проектната рамка. Сепак, доколку техничките и временските услови го дозволат тоа, ќе се вложат максимални напори активностите да бидат завршени до септември.
Општина Кочани продолжува активно да ги поддржува младинските иницијативи и да создава можности за вклучување на младите во процесите на донесување одлуки, придонесувајќи кон изградба на поинклузивна, поквалитетна и солидарна локална заедница.

КОМЕНТАРИТЕ СО НАВРЕДЛИВА СОДРЖИНА И ВУЛГАРНОСТИ ЌЕ БИДАТ ИЗБРИШАНИ А НИВНИТЕ АВТОРИ БЛОКИРАНИ
