Премногу проблеми се наталожија врз грбот на жителите на Општина Кочани во последните две децении, а како што стојат работите никој ниту е заинтересиран сето тоа да го спречи ниту да ги заштити кочанчани.
ПРВО – Моментно еден од најголемите проблеми со кои се соочуваат жителите на Општина Кочани е загадувањето од некогаш Градската депонија а во последните месеци и Регионална. Проблемот настана со потпишувањето на договор да Кочани го презема отпадот од општините Виница, Зрновци и Чешиново-Облешево и истиот го транспортира во Свети Николе во фабриката за отпад. Но фабриката не е ниту започната а веќе Кочани стана Регионална депонија и што е најтрагично од другите општини сметот не го носат на депонијата туку го истоваруваат околу неа, поточно на самиот пат кон Пониква со што околината енормно се загадува. Сметот и понатака се носи од трите соседни општини но во Општина Кочани како никој да нема храброст и рече: „СТОП, ДОСТА БЕШЕ“.
Проблем со депонијата претставуваат и жителите кои на просторот до самата депонија кој е во сопственост на КЈП „Водовод“ си изградиле објект од цврст материјал и „благодарение“ на нив никој не смее да влезе и да го фотографира местото бидејќи од истите добива закани. Сето тоа им е познато на надлежните како и дека токму од таму потекнува честото палење на депонијата но никој, ама баш никој „мува не го лази“.
Ако поради ваквите и слични проблеми пред шест години протестираа жителите на селото Бели на кои и денес со густиот чад од депонијата им е поклопено селото , сега и нив никаде ги нема. Кружат приказни дека еден од организаторите не бил сега заинтересиран бидејќи неговиот брачен другар требало да добие вработување а другиот веќе влегол во финансирање во Буџетот па и тој не сакал да се замери со надлежните.
И додека сите молчат и приоритет им се позициите отколку животот на жителите Кочани и понатака ќе биде на прво место по карциномни заболувања во земјата.
ВТОРО Кочанчани веќе трета деценија по ред се соочуваат и со населување на жители од други општини. За да имаат услови за живот тие или се населуваат во веќе изградени и празни објекти (Старата Касарна) или нелегално си градат објекти а потоа чекаат да се донесе Закон за легализација и за сто евра истиот да го легализираат, наспроти оние што регуларно инвестираат во изградба на семејни објекти и плаќаат на општината по педесет па и многу повеќе пати такса за градба. Другиот проблем доаѓа по изградбата на објектот, откако ќе им се легализираат објектите (таков беше случајот со околу 9.000 објекти кои се легализираа со стариот Закон за легализација) ќе бараат од општината да им се приклучи струја, да ги приклучи на водоводната и канализационата мрежа, да им се асфалтира пат до домовите и сето тоа да се плати од Буџетот на Општина Кочани.
Такви диво изградени објекти околу фабриката за вода за прв пат беа рушени во месец Август 2009 година. Тогашниот Градоначалник постапи според законските овластувања па по рушењето на објектите ниту неговата партија претрпе некои последици ниту тој, затоа што се беше законски.
Време е да се спречи дивото населување во општината. Ако не знаат надлежните како, нека прашаат како Општина Штип го реши тој проблем за помалку од 48 часа во време кога Градоначалничката функција ја извршуваше д-р Сашко Николов (од Декември 2020 па до есента 2021 година) а кој беше избран на Вонредните парламентарни избори.
Времето минува, проблемите остануваат, до кога?
С. Ивановски
КОМЕНТАРИТЕ СО НАВРЕДЛИВА СОДРЖИНА И ВУЛГАРНОСТИ ЌЕ БИДАТ ИЗБРИШАНИ