ПРЕЗЕНТИРАНИ МЕРКИТЕ ЗА ВРАБОТУВАЊЕ И ПОДДРШКА НА КОМПАНИИТЕ ОД ОПЕРАТИВНИОТ ПЛАН ЗА 2026 ГОДИНА

јули 21, 2026
1 минути

Во организација на Општина Кочани и на Министерството за економија и труд, во  Кочани се одржа презентација на дел од активните мерки за вработување од Оперативниот план за 2026 година. Пред претставници на компаниите беа презентирани мерките Обука на работно место кај конкретен работодавач и Поддршка во креирање нови работни места, со посебен акцент на подмерката Раст на правни субјекти.

Отворајќи го настанот, градоначалникот на Општина Кочани Владко Грозданов истакна дека локалната самоуправа останува посветен партнер на стопанството, со јасна цел да создава подобри услови за развој на компаниите и за отворање нови работни места.

„Верувам дека силата на Кочани е во нашите луѓе, а особено во младите. Нашата заедничка цел треба да биде тие да ја гледаат својата иднина овде – во својот град. Да создадеме услови за квалитетни работни места, за развој на компаниите и младите да останат, да работат и да ги градат своите семејства токму во Кочани, наместо својата иднина да ја бараат надвор од државата“ порача Грозданов.

Заменик-министерот за економија и труд Марјан Ристески ги повика компаниите да ја искористат можноста за субвенционирано вработување на невработени лица, нагласувајќи дека јавниот повик за оваа мерка трае до 24 јули.

„За вработување лица до 29 години се обезбедува поддршка од 250.000 денари, за лица од ранливи категории 220.000 денари, а за лица над 29 години 160.000 денари. Во зависност од големината и видот на компанијата, фирмите можат да добијат субвенции од 850.000 до 1.250.000 денари, односно да вработат до пет невработени лица“ истакна Ристески.

Тој информираше дека буџетот за мерката изнесува 5,4 милиони евра, а интересот е голем. До вчера биле поднесени повеќе од 1.700 пријави од невработени лица и над 1.400 апликации од компании.

 

Според Ристески, мерките за поддршка на нови работни места и самовработување се меѓу најуспешните од Оперативниот план, со реализација од околу 80 проценти, што значи дека најголемиот дел од лицата вработени преку овие програми остануваат во работен однос и по истекот на периодот на субвенционирање.

Целта на активните мерки е да се поттикне отворањето нови работни места, да се обезбеди поддршка за развојот на компаниите и да се придонесе кон намалување на невработеноста.

Општина  Кочани

КОМЕНТАРИТЕ  СО  НАВРЕДЛИВА  СОДРЖИНА  И  ВУЛГАРНОСТИ  ЌЕ  БИДАТ  ИЗБРИШАНИ  А  НИВНИТЕ  АВТОРИ  БЛОКИРАНИ