ОУ „СВ. КИРИЛ И МЕТОДИЈ“ ГО ОДБЕЛЕЖА ПАТРОНИОТ ПРАЗНИК И ГИ ПРОГЛАСИ ПРВЕНЦИТЕ НА ГЕНЕРАЦИЈАТА

мај 24, 2022
0 минути

Со пригодна програма во холот на училиштето, денес ОУ „Св. Кирил и Методиј“ на достоинствен начин го одбележа својот патрон празник.

По интонирањето на Македонската химна свое обраќање пред присутните гости имаше директорот на училиштето Даниел Кралев.

„Нашето училиште континуирано бележи успеси од самите негови почетоци па се до денес. Се афирмираме на сите полиња и активно учествуваме во различни проекти од општинско, регионално, државно и меѓународно ниво. Задоволството е големо кога си раководител на училиште во кое постои одлична клима за работа и учење. Постигнатите успеси се заеднички на сите вработени, ученици и родители кои како големо семејство дава заеднички придонес во постигнувањето на резултатите“ истакна Кралев.

Давид Лазаров е прогласен за Првенец на генерацијата за што директорот на училиштето Кралев му врачи посебна пофалница како и пригодни подароци за остварените резултати во изминатите четири години. За остварени високи резултати во наставните и воннаставните активности посебни пофалници добија и ученичките Александра Чолева и Меланија Митева.

По доделените признанија на учениците следуваше рецитал посветен на Сесловенските просветители, браќата Кирил и Методиј, за да првиот дел од манифестацијата заврши со изведба на химната на училиштето.

Прославата на патрониот празник на ОУ „Св. Кирил и Методиј“ финишираше со положување на свежо цвеќе пред бистата на браќата Кирил и Методиј.

Освен ученици и претставници од училиштето свежо цвеќе положија и делегации од Советот на Општина Кочани, од ЗГ „Јосип Броз Тито“ од Кочани и од делегации на политички партии.

С. Ивановски