ИЗГРАДБАТА НА ПЛАТФОРМА ЗА КАТНА ГАРАЖА НЕ ДОБИ ЗЕЛЕНО СВЕТЛО ОД ГРАЃАНИТЕ

јули 5, 2022
0 минути

Вечерва во салата на „Мултикултурниот Центар“ во Кочани се одржа јавна трибина на која единствена точка беше предлог изградба на платформа за катна гаража кај големиот паркинг, пред ламела „Б“ во Градскиот Трговски Центар.

На трибината присуств8уваа претставници од станарите на блокот „Б“, сопственици на дуќани и обични граѓани кои масовно се вклучија во дискусијата.

Градоначалникот на Општина Кочани обраќајќи им се на присутните ги запозна дека тоа е негова идеја и дека изградбата на платформата за катна гаража ќе донесе големо растеретување во сообраќајот иако потоа во дискусијата беше спомнато дека на таа платформа максимум би се паркирале околу 45 возила.

Претставниците на станарите од блокот „Б“ како и сопствениците на дуќаните децидни беа дека се против ваквата изградба бидејќи како што појаснија ќе им се сосема затвори просторот и дека и онака малиот број на муштерии ќе се сведе на минимум, што значи дека ќе бидат приморани да ги затворат дуќаните.

Дел од присутните го потсетија градоначалникот дека во својата кампања како место за изградба на катна гаража го посочувал просторот во непосредна близина на Општинскиот Суд, односно кај дел од дворот на ООУ „Никола Карев“.

Оние што подобро го знаат Деталниот урбанистички план како можна локација за изградба на катна гаража за околу 90 возила го предложија просторот кај паркингот до „Кулата“ заедно со детското игралиште, бидејќи на тој простор веќе бил уцртана катна гаража.

Како можна локација беше предложен просторот кај новиот булевар, поточно од Салата „Сашо Лазарев – Чапо“ до двојниот мост, простор на кој како што појаснија може да се изгради катна гаража и на три ката која би собрала повеќе од 300 возила и која е доста близу до центарот на градот.

И така, отворени и  интересни дискусии, но единствено нешто што произлезе од вечерашната трибина е што предлог изградба на платформа за катна гаража не доби зелено светло од присутните.

С. Ивановски