ПРОСТИОТ ШТО ЌЕ НАПРАВИ НИ ПЕТ КОМУНАЛНИ ПРЕТПРИЈАТИЈА НЕ МОЖАТ ДА ИСЧИСТАТ

јули 17, 2022
0 min read

Изминатиот период објавувајќи писма, записи, фотографии од нови и нови диви депонии, од нечисти улици, од расфрлан смет околу контејнерите имавме за цел да ги иритираме надлежните во општината за одржување на чистотата во градот се со цел да се веднаш реагира и она што претставува грда слика на Кочани да биде отстрането.

Во текот на вчерашниот ден добивме неколку фотографии кои се направени додека се „чистени“ неколкуте локации каде се поставени подземни контејнери, а на фотографиите има што да се види, контејнерите празни а околу нив кеси и расфрлан смет колку ти душа сака.

Е тоа не е веќе неработење на комуналците задолжени за чистотата во градот, тоа е дело на простиот жител на градот кој го интересира единствено сметот од дома да го изнесе а каде ќе го фрли најмалку му е гајле, затоа често сме сведоци и на фрлени кеси со смет од високите катови во некои згради.

Крајно време е советниците во Советот на општина Кочани кои добро заработуваат од паушалот да размислат дали е време барем на тие места да се постават надзорни камери. Со поставувањето на камерите никому нема да му се наштети на приватноста, туку ќе се види кој тоа го загадува градот и неодговорно се однесува кон средината.

Ајде господа од советничките клупи еве уште еден апел до вас, охрабрете се, заборавете на партиската определба, почнете да мислете на оние кои ве донеле на тие столчиња, покренете го прашањето за поставување надзорни камери бидејќи со тоа ќе не заштитете сите нас како и генерациите што идат.

Е сега друга е песната ако сте седнале во тие столчиња само за земате паушал и да си го збогатувате домашниот буџет.

С. Ивановски