Клипот и фотографијата кои беа споделени во текот на вчерашниот ден на групата „За здрав живот во Кочани“ го наметнува само по себе прашањето: „Ќе му стави ли некој крај на ова лудило?“.
Ова е дел од Кочанска река снимена во текот на вчерашниот ден (Сабота) кај мостот на влезот пред Горни Подлог. Самата фотографија кажува се.
Зачудувачки е што оваа загадена вода оди длабоко во почвата, во бавчите и во оризовите полиња, и никој, ама баш никој не му е гајле за тоа каква храна јадеме и со каква храна ќе се хранат генерациите што доаѓаат а се поради интерес да се заштитат некои моќници.
На надлежните служби е да го истражат ова и со соопштение до јавноста да го посочат виновникот.
И додека одредени поединци веќе со години јавно протестираат, политичарите и локалните служби си гледаат сеир и не сакаат по цена на живото на луѓето да се зафатат за работа и да го сопрат ова зло.
Но во сето ова малку чудно е и тие што имаат земја и посеви по бавчите и нивите не реагираат освен неколку поединци.
Каде се сега оризопроизводителите да се придружат на сите оние кои се борат со години против ова зло? Освен што оправдано протестираат за цената на оризот, потребно е да протестираат и за квалитетот кој ќе го постигне нивниот ориз. Ама седење по дома и од време навреме да се протестира само за едно те исто, не оди.
Време е сите да застанеме за да му се стави крај на ова зло.
Секој изгубен ден и ненавремена реакција само ја се повеќе и повеќе загадува и почвата и засаденото на неа.
Благодарност до „За здрав живот во Кочани“ за фотографиите и клипот.
С. Ивановски