ПОЧНА ПОШУМУВАЊЕТО НА ДЕЛ ОД ОПОЖАРЕНИТЕ ПОВРШИНИ ВО ОКОЛИНАТА НА КОЧАНИ

ноември 4, 2021
1 min read

Шестотини садници јасен, донација од „А1 Македонија“, од денеска се пошумуваат на ридот Драчевик, на површина опожарена во огнената стихија на 2 август.

Иницијативата за оформување зелен појас од листопадни дрвја и патека за рекреација долж западниот дел на градот Кочани ја покрена градоначалникот Николчо Илијев, кој го поздрави почетокот на акцијата засадувајќи неколку садници јасен.

„Последиците од пожарите што го зафатија Кочани и Кочанско се санираат побрзо  со помошта и солидарноста од пријателите, поддршка чија благодaт ќе ја чувствуваат и идните генерации. Искуството од пожарите во текот на летото и консултацијата со шумските служби покажа дека не е добро заштитните зелени појаси околу градот да бидат со иглолисна шума, затоа што таа е лесно запалива, поради што пристапивме кон засадување листопадни и медоносни стебла. Со тоа ќе се постигне двоен ефект, односно ќе добиеме добар заштитен појас и рекреативни пешачки патеки во негова непосредна близина, а тоа ќе биде корисно и за пчеларите, чиј број е во пораст. Упатуваме благодарност до нашите пријатели од компанијата „А1 Македонија“ за оваа донација, а очекуваме на ваквата благородна идеја да се приклучат и други општествено одговорни компании за целосно да се санираат штетите од пожарите“ истакна Николчо Илијев, градоначалник на Кочани.

„Садниците се од видот јасен, со височина од 1,8 метри. Планираме да ги засадиме  за краток период, со што просторот ќе биде повторно облагороден и на тој начин ќе дадеме придонес во враќањето на природниот баланс и обновувањето на биодиверзитетот“ истакна Александра Дамчевска од ЈП „Паркови и зеленило“.

Во пожарот што се случи во Кочани на 2 август годинава, беа зафатени куќи, објекти со добиток, земјоделска механизација и возила.

Општина  Кочани