Амбасадорката на Кина во Македонија, Џианг Сиаојан, денеска престојуваше во работна посета на Кочани, при што оствари средба со градоначалникот Владко Грозданов.
На средбата се разговараше за актуелната состојба во градот, една година по трагичниот пожар во Пулс, како и за процесот на закрепнување и поддршката за повредените и нивните семејства.

Амбасадорката Сиаојан ја истакна подготвеноста на Кина да продолжи да ја поддржува заедницата во процесот на заздравување. Таа нагласи дека солидарноста и меѓусебната поддршка се особено важни во вакви моменти, изразувајќи надеж дека Кочани ќе го продолжи процесот на закрепнување.
Во разговорот беше истакната и подготвеноста за продлабочување на соработката меѓу Кина и Кочани, преку иницијативи што ќе придонесат за развој на земјоделството, особено оризопроизводството, поддршка на младите и на целокупната локална заедница. Беше истакната и можноста за зајакнување на пријателските односи кои Кочани ги има воспоставено со кинескиот град Вуши.

Градоначалникот Грозданов ѝ се заблагодари на амбасадорката за посетата и за поддршката што Кина ја упатува кон Кочани, нагласувајќи дека ваквите средби се важни за јакнење на меѓународната соработка и за продолжување на локалниот развој.

КОМЕНТАРИТЕ СО НАВРЕДЛИВА СОДРЖИНА И ВУЛГАРНОСТИ ЌЕ БИДАТ ИЗБРИШАНИ А НИВНИТЕ АВТОРИ БЛОКИРАНИ
