Делегација од Амбасадата на Швајцарија, предводена од амбасадорот Кристоф Зомер денеска беше во официјална посета на Општина Кочани, каде што оствари средба со градоначалникот Владко Грозданов.
На средбата беа разменети мислења за справувањето со последиците од трагедијата во „Пулс“, при што акцент беше ставен на преземените активности и научените лекции од изминатиот период. Во разговорот беше посочена и сличноста со несреќата што се случи во Кран-Монтана, Швајцарија, за што беа споделени искуства и практики.

Средбата ја потврди подготвеноста за продлабочување на соработката и продолжување на заедничките напори за одржлив развој и подобрување на квалитетот на живот на граѓаните. Притоа беше истакнат проектот „Отпорни и ефикасни комунални претпријатија во Северна Македонија“, кој се реализира во партнерство со Министерство за животна средина и просторно планирање и Владата на Швајцарската Конфедерација, застапувана од Државниот секретаријат за економски прашања (SECO). Преку овој проект, Владата на Швајцарија обезбедува значајна поддршка за унапредување на КЈП „Водовод“, за зајакнување на капацитетите на локалното претпријатие во Кочани.

Дополнително, како дел од Заштитениот предел Осоговски Планини, Кочани ќе биде вклучено и во активностите од Програмата за биолошка разновидност и отпорност на екосистемите, што ќе се реализира со поддршка од Швајцарската влада.

Општина Кочани
КОМЕНТАРИТЕ СО НАВРЕДЛИВА СОДРЖИНА И ВУЛГАРНОСТИ ЌЕ БИДАТ ИЗБРИШАНИ А НИВНИТЕ АВТОРИ БЛОКИРАНИ
