АПЕЛ ОД ТЕРИТОРИЈАЛНАТА ПРОТИВПОЖАРНА ЕДИНИЦА-КОЧАНИ ДО СИТЕ ЗЕМЈОДЕЛЦИ

јануари 18, 2022
1 минути

Ако не гори депонијата и не го загадува воздухот во Кочани и околината, тука се неодговорните земјоделци тој „недостаток“ да го надоместат. И денес Кочанските полиња гореа, и денес неодговорните земјоделци на кои инаетот им е пред сé ги запалија стрништата и побегнаа од местото на настанот. И додека гореа полињата, во Кочани се запали куќа а во близина на Кучичино во прашање беше доведена безбедноста на една викендичка. Телефоните во ТППЕ ѕвонеа речиси на секоја минута, пожарникарите од единицата заедно со волонтерите не знаеја каде прво да отидат. Сепак, со својата професионалност  успеаја со големи напори секаде да стигнат, некаде и во последен момент.

Пред малку добивме известување од ТППЕ –Кочани во кое се вели:

„Денес во попладневните часови земјоделците од нашата општина извршија масовно палење на своите земјоделски површини односно, стрништата. ТППЕ – Кочани интервенираше на неколку локации во исто време: атар на секо Грдовци, село Мојанци, село Кучичино, како и на опожарен објект на „4-та Македонска бригада“. Поради нивната неодговорност се нанесува штета, како по животната средина, така и по материјалните добра. Со самото излегување на терен по полето ја слабееме територијалната противпожарна Единица како со пожарникари, така и со возила. Во еден момент денес, додека нашите возила со пожарникарите беа по селата да ги гаснат стрништата и да спасуваат да не дојде до опожарување на некои објекти избувна пожар во централното градско подрачје. Сепак успеавме со голема помош на нашите волонтери да се справиме некако на сите локации. Апелираме уште еднаш до сите земјоделци да престанат веќе еднаш да ги палат стрништата, бидејќи токму запалените стрништа можат да бидат причина за голема материјална штета која би настанала поради нивната неодговорност“.   ТППЕ  –  Кочани