Вчерашното повторно чадење на депонијата внесе немир меѓу жителите на Кочани и од околните села. Непријатната миризба се чувствуваше во градот а според некои информации и во некои села околу Кочани. Според изјавите на жителите со вдишувањето на воздухот почнале да кашлаат а и очите ги печеле и им солзеле.
Интересно е што за време на викендот кога не работеа комуналните претпријатија депонијата воопшто не чадеше, за да првиот работен ден се потпри сликата што кочанчани ја гледаат повеќе од четири месеци.
Четири месеци и повеќе некој да го труе населението а надлежните да не се заинтересирани да реагираат упатува на констатација дека нешто поголемо е по во прашање.
Значи повеќе о четири месеци депонијата континуирано чади, поради неуредените тревни површини почна појавата на пожари во самиот град (пожарот околу АСНОМ), преземањето на сметот од околните општини, и ред други нешта од типот на „црна хроника“ се нештата која и те како го иритираат населението. Иритирањето е уште поголемо што од Локалната самоуправа не можат да соберат храброст да го срушат диво изградениот објект на самата депонија и депонијата да ја затворат во термини кога не се носи смет, а зошто и да не се постават и стражарски служби.
Денес по кулоарите тема број еден беше повторно чадењето на депонијата. Можеа да се слушнат различни коментари но и различни предлози.
Дел од населението предлага да почне патот од клучката кај селото Бели спрема Пониква да биде блокиран за камионите со смет се додека надлежните не набават алги (за чија набавка Советот веќе има донесено одлука) со кои како пред шест години нема да дозволат да се случува ова што сега сите го гледаме и чувствуваме.
Другиот предлог е еколошките здруженија да организираат собирање на петиција (потписи од населението) која потоа во вид на допис ќе биде испратена до Владата на Република Македонија, МВР, Министерството за чиста животна средина и до партиите во Македонија.
Што ќе произлезе од сето ова за да се реши проблемот на кочанчани, ќе видиме.
Време за чекање нема, на потег е Локалната самоуправа, Градежниот инспектор, Полицијата и Јавното обвинителство.
С. Ивановски
КОМЕНТАРИТЕ СО НАВРЕДЛИВА СОДРЖИНА И ВУЛГАРНОСТИ ЌЕ БИДАТ ИЗБРИШАНИ