ДОНАЦИЈА ОД ПОЛСКА ЗА ОПШТА БОЛНИЦА – КОЧАНИ – ПОТПИШАН ДОГОВОР ЗА МЕДИЦИНСКА ОПРЕМА

јуни 12, 2026
0 минути

Во Амбасадата на Република Полска во Скопје, на 11 јуни 2026 година, беше потпишан договор за реализација на развоен проект финансиран од средствата на Одделот за развојна соработка при Министерството за  надворешни работи на Република Полска. Со овој проект ќе се обезбеди современа медицинска опрема за Гинеколошкото одделение во Општата болница во Кочани, во вкупна вредност од 48.000 евра.
Договорот го потпишаа вршителот на должноста амбасадор на Република  Полска во Република Северна Македонија, Мариуш Бримора, и  градоначалникот на Општина Кочани, Владко Грозданов.
Општина Кочани изразува искрена благодарност до Република Полска, Амбасадата на Република Полска во Скопје и Министерството за надворешни работи на Република Полска за укажаната поддршка, солидарност и доверба.


Оваа донација претставува значаен придонес за унапредување на
здравствените услуги и подобрување на условите за лекување на граѓаните  од Кочани и целиот Источен регион.
Во рамки на проектот ќе биде набавена современа медицинска опрема за Гинеколошкото одделение, која по нејзината набавка Општина Кочани ќе ѝ ја предаде на Општата болница – Кочани. Со оваа инвестиција ќе се подобрат условите за работа на медицинскиот персонал и ќе се овозможи поквалитетна здравствена грижа за пациентите.


Поддршката има особено значење за нашата заедница, која во изминатиот период се соочи со големи предизвици. Хуманоста и пријателството што Република Полска ги покажа кон граѓаните на Кочани, како непосредно по трагичниот настан во март 2025 година, така и преку оваа развојна помош, претставуваат силна потврда за искреното партнерство и соработка меѓу двете земји.
Општина Кочани останува посветена на понатамошно продлабочување на соработката со Република Полска и со сите меѓународни партнери кои придонесуваат за развојот на локалната заедница и подобрувањето на квалитетот на живот на граѓаните.

КОМЕНТАРИТЕ  СО  НАВРЕДЛИВА  СОДРЖИНА  И  ВУЛГАРНОСТИ  ЌЕ  БИДАТ  ИЗБРИШАНИ  А  НИВНИТЕ  АВТОРИ  БЛОКИРАНИ