ДРЖАВНО ПРВЕНСТВО ВО КАРАТЕ, НАТАЛИЈА КАРОВА ОБЕЗБЕДИ УЧЕСТВО НА БАЛКАНСКОТО ПРВЕНСТВО

Во Спорт
ноември 5, 2023
1 минути

Во текот на вчерашниот ден (Сабота) во Скопје, општина Бутел се одржа „Државното првенство во карате за кадети, јуниори и помлади сениори У-21“. Карате Клуб „Кочани“ настапи со четири натпреварувачи од кои Наталија Карова настапи во категоријата до 48 килограми – јуниорки и го освои второто место со што обезбеди директно учество на Балканското првенство што ќе се одржи од 17-19.11.2023 година во Љубљана (Република Словенија).

Останатите тројца натпреварувачи: Иван Арсов, категорија +76 – јуниори, Илија Охомуш, категорија до 68 килограми – јуниор и Лука Горгиев, категорија до 52 килограми – кадети ги загубија натпреварите за третото место и останаа без место на пиедесталот.

„Задоволен сум од настапите на сите натпреварувачи. Наталија Карова го освои сребрениот медал и обезбеди директно учество за Балканското првенство а според пропозициите и натпреварувачите со пласман до шестото место од секоја категорија можат да учествуваат на тоа првенство. Инаку штета е што останатите тројца не обезбедија директен пласман бидејќи покажаа навистина добри борби. Но што е тука е, следниот викенд не очекува плеј-оф натпреварување на првопласираните тројца од секоја категорија каде освојувачот на првото место обезбедува пласман на Европското првенство. Се надеваме дека Наталија Карова ќе биде учесник и на Европското“ беше изјавата на тренерот на Карате Клуб „Кочани“ Игор Каров.

С.  Ивановски

КОМЕНТАРИТЕ  СО  НАВРЕДЛИВА  СОДРЖИНА  И  ВУЛГАРНОСТИ  ЌЕ  БИДАТ  ИЗБРИШАНИ