ДВЕ СЕЗОНИ ПО РЕД „ОСОГОВО“ СЕ БОРИ ЗА ОПСТАНОК ВО ВТОРАТА ФУДБАЛСКА ЛИГА

Во Спорт
декември 20, 2024
1 минути

Несомнено еден од најстарите клубови во земјата „Осогово“ никако да застане на здрави нозе. Како и мината сезона така и оваа ја започна лошо. Слабите резултати го доведоа на позиција за која според квалитетот на играчкиот фонд а и на стручниот штаб и годинава до последното коло ќе се бори за гол второлигашки живот. А такво нешто не се навестуваше пред стартот на првенството. Поучени од минатогодишните резултати од „Осогово“ годинава најавуваа место на средината на табелата. Но сепак познавачите на приликите во клубот беа убедени дека тоа е само обична илузија, дека клубот и годинава ќе биде закован за самото дно, поточно за местата кои водат директно во понизок ранг на натпреврување или играње бараж за опстанок во лигата.

Сезоната започна катастрофално, Во првите три кола од кои две на домашен терен „Осогово“ освои само еден единствен бод по што следуваше промена во Стручниот штаб. Наместо на Добринко Илиевски се ангажира  Горанчо Георгиев. Но по само четири кола во кои беа освоени 4 бода, Георгиев писмено не извести дека поднесува оставка за да по половина час истата ја повлече од само нему познати причини. Но како и да е Георгиев продолжи и понатака да раководи со клубот но кога во наредните осум кола беа освоени само 3 бода! Беше јасно дека нешто не штима.

Познавачите на приликите во „Осогово“ секој со свој коментар. Едните обвинуваат дека со назначувањето на Горанчо Георгиев за шеф на стручниот штаб се изгубила хемијата во соблекувалната за да други пак вината ја бараат исклучиво во играчите кои сакале нивни луѓе да го водат клубот а не тој. Како и да е, кој и да е во право не е добро за клубот кој годинава требаше но не прослави редок јубилеј „Еден век постоење“.

Но да бидеме реални, Георгиев во екипата се обиде да им даде шанса на  неколку млади играчи од кои Марио Симоски и Стојанче Тренчев почесто играа и ја искористија шансата, но за жал поголемиот број на играчи  од типот Филип Јованов, Петар Постоловски, Стефан Стефановски, Марио Евтимов, Лука Јовановски, Горазд Попов, Славче Митовски иако поседуваат голем фудбалски потенцијал добиваа или минимална минутажа или воопшто не влегуваа во играта иако тоа е иднината на клубот бидејќи речиси сите тие  играчи се од младинскиот погон на „Осогово“.

Малку е чудно што по завршувањето на 7-то коло поточно по натпреварот со „Македонија ГП“ и по заминувањето на тренерот на Јоже Јованов „Осогово“ остана без тренер на голманите па мораше сами голманите пред натпреварите и на полувремето самите да се загреваат што не е одлика за клуб од не само вторите лиги туку такво нешто не е пракса ни во екипите од третите лиги.

Но, како и да е работата не изгледа добро а ако нешто драстично не се промени за време на зимската пауза „Осогово“ за да не биде само декор на Второлигашката сцена подобро е да испадне од лигата, да се почне од 0 (нула) и со свој играчки кадар да направи екипа која ќе биде воиграна и кога ќе влезе еден ранг повисоко барем за почеток да биде стабилна на средината на второлигашката табела.

С.  Ивановски

КОМЕНТАРИТЕ  СО  НАВРЕДЛИВА  СОДРЖИНА  И  ВУЛГАРНОСТИ  ЌЕ  БИДАТ  ИЗБРИШАНИ