По објавувањето на текстот „Граѓаните бараат заштита од кучињата скитници“ од 07.02.2025 година, до нашиот портал пристигна писмо поткрепено со документи, од наш читател, односно сограѓанин во кое се вели:
„Почитувани,
Поради последната Ваша вест за кучињата скитници сакам да ве известам за следното:
Водовод Кочани има објавено јавна набавка (тендер) за шинтерски услуги (заловување на кучиња скитници) во месец јули 2024 година. За ваквата јавна набавка е склучен договор со АД Ветеринарно Сточарски Центар Тодор Велков од Куманово во висина од 552 600 денари, односно 652 068 денари со ддв.
Овој договор е со важност до јули месец 2025 година или до целосно искористување на средствата предвидени за оваа јавна набавка, односно до искористување на 652 068 денари со ддв.
Во овој момент сите средства предвидени за оваа јавна набавка се искористени и Водовод Кочани и Општина Кочани немаат објавено нова јавна набавка за шинтерски услуги. Тоа значи дека до објавување на нова јавна набавка (тендер) за шинтерски услуги и нејзино завршување нема да може да се врши заловување на кучиња скитници во Кочани.
Во последно време се повеќе се забележува зголемување на бројот на кучиња скитници кои слободно шетаат низ Кочани, а особено во централното градско подрачје и во градскиот парк. Многу често сме сведоци и како овие кучиња скитници се агресивни и напаѓаат случајни минувачи.
Поради негрижата на локалните институции граѓаните на Кочани се оставени незаштитени, а Водовод Кочани и Општина Кочани ќе треба да плаќаат огромни надоместоци за штета на граѓаните кои ќе бидат каснати од куче скитник.
Очекуваме дека надлежните институции ќе преземат одговорност и брзо ќе објават јавна набавка за шинтерски услуги за што побрзо да се реши проблемот со кучињата скитници додека не настанале некои посериозно последици за некој од граѓаните на Кочани или додека кочанчани не одлучат сами да го решаваат проблемот со кучињата скитници.
Поздрав“
КОМЕНТАРИТЕ СО НАВРЕДЛИВА СОДРЖИНА И ВУЛГАРНОСТИ ЌЕ БИДАТ ИЗБРИШАНИ