Почна одбројувањето, до Локалните избори 2025 година остануваат помалку од два месеци а во Кочани двете „најголеми македонски партии“ уште немаат назначено кој ќе трча за нив на овие избори. Свесни дека многу грешки направија во изминатите години и со право се уште се прашуваат дали да исфрлат свој кандидат или пак местото да го отстапат на некој од нивните коалициони партнери. Но она што се зборува по кулоарите кажува нешто друго, нешто поинаку, по се изгледа дека и едните и другите немаат кадар за функцијата Градоначалник.
Повеќето негативни случувања во Општина Кочани наталожени од не баш толку голем период наназад ги даваат резултатите.ж
Но да се вратиме барем малку наназад.
-На два месеци во предизборието на Локалните избори 2017 година Општина Кочани даде ПОЗИТИВНО МИСЛЕЊЕ на барањето на фирма од Скопје за издавање Дозвола за користење на вода за производство на електрична енергија од Мала Река од локалитетот КО Лешки и КО Јастребник. Набргу почна сечата на овој потег, се уништи еден прекрасен природен и чист дел на тој потег се со цел да се офајди некој што ќе изгради мини хидроцентрала. Иако имаше реакции од граѓаните изградбата си продолжи. Иронично е што зад незадоволните граѓани не застанаа претставници од двете „најголеми“ партии туку оставија некој друг да го решава проблемот и по старото правило, доколку се успееше ќе излезеа и ќе се удираа во гради како и за многу други работи, дека тоа е нивно дело, дека благодарение на нивните заложби граѓаните успеале.
-Месец Октомври 2024 година, почна отворената борба на граѓански активисти против одлуката на Владата на Република Македонија Кочани да стане Регионална депонија во која ќе се собира сметот и од општина Виница, Зрновци и Чешиново-Облешево. Неколку месечните протести на жителите на Кочани беа иницијалната каписла Советниците од Советот на Општина Кочани да донесат едногласна одлука да на Градската депонија се исфрла смет кој ќе се се собира исклучиво на територијата на Општина Кочани. Но само по неколку денови таа нивна одлука и нивното достоинство беше погазени од некого кој решава за сé и кој мораше да ги спасува Градоначалниците на Виница, Зрновци и Чешиново-Облешево кои за својот четиригодишен мандат не реализираа речиси ниту еден капитален објект па мораше да бидат спасувани од нивните гневни жители. Така Кочани под голем притисок стана и до ден денес е Регионална депонија. За жал и на тие граѓански протести жителите на Кочани не добија поддршка од членови и активисти на партиите со исклучок на двајца-тројца.
-Дојде несаканиот 16.март 2025 година. На градот и на Македонија и се случи „Пулс“ каде за еден момент згаснаа животите на 62 млади луѓе пред кои беше животот. Децата, Ангелчињата заминаа, остана тагата и болката на најблиските, како и на дел од жителите на Кочани и на дел од народот во Македонија. Оваа трагедија политичките партии ја искористија повеќе како маркетинг во предизборието. Поддршката на родителите на починатите и на повредените беше сведена на најмал можен минимум.
И сега сите очекуваат тие партии да именуваат свои претставници за претстојните Локални избори, како тргнала работата, тешко ќе им оди, па затоа дел од нивните коалициони партнери ја гледаат својата шанса.
Како ќе се одвиваат работите, времето ќе покаже, но многумина од граѓаните од „градот на оризот“ со право се прашуваат: И треба ли на Република Македонија Кочани да биде дел од избирачкиот процес?
С. Ивановски
КОМЕНТАРИТЕ СО НАВРЕДЛИВА СОДРЖИНА И ВУЛГАРНОСТИ ЌЕ БИДАТ ИЗБРИШАНИ А НИВНИТЕ АВТОРИ БЛОКИРАНИ