„КАМЕНИЦА САСА“ МУ ОДРЖА ФУДБАСККИ ЧАС НА АНЕМИЧНОТО „ОСОГОВО“

Во Спорт
ноември 30, 2024
1 минути

Во рамките на 14-тото, претпоследно коло од есенскиот дел на првенството во Втората фудбалска лига, „Осогово“ загуби уште три мошне важни бода на домашен терен, овој пат од солидната екипа на „Каменица Саса“. Со оваа победа „рударите“ ја продолжија успешната низа која еве веќе трае пет натпревари (три победи и две нерешени во Кочани), додека играчите на „Осогово“ ќе чекаат некоја друга прилика да ги совладаат  „зелено-црните“ од Македонска Каменица.

Кога една екипа за деведесет минути плус судиските надополнувања нема да создаде ниту една не само шанса за гол, туку нема да упати ниту еден сериозен удар кон противничкиот гол значи дека нешто не е поставено како што треба. Стручниот штаб е тој кој ја подготвува екипата и тактиката спрема противникот, а играчите, ама вистинските играчи се тие кои сето тоа треба да го спроведат во дело. За жал „Осогово“ го нема ниту едното, ниту другото.

Но ако „жетварите“ ништо не одиграа бидејќи тоа не им го дозволи одлично склопениот состав од Македонска Каменица, гостите по тешкиот терен покажаа како се игра за боите на клубот од кого егзистираат. Едноставно кажано по сето она што го видоа околу 500 гледачи заклучокот е дека денес во Кочани „Каменица Саса“ држеше фудбалски час.

Првото полувреме помина во игра повеќе на средината на теренот каде „рударите“ беа супериорни и од брзи контра напади се обидуваа да ја затресат мрежата на единствената светла точка кај „жолто-сините“  Ѓорѓи Јованоски. Гостинските играчи упатија неколку удари надвор од шеснаесетникот но или чуварот на мрежата на „Осогово“ ќе ги одбранеше, или тие ќе завршеа покрај стативите во гол-аут. И кога сите на стадионот помислија дека првото полувреме ќе заврши без голови играчите на „Каменица Саса“ успеаја двапати да ја затресат мрежата на Јованоски, првиот пат во 41’ прецизно стрелаше Махир Ајрули а во 44’ по големата грешка на неколку одбранбени домашни играчи и Тони Мичовски.

Во второто полувреме кога гостите видоа дека немаат сериозен партнер почнаа се почесто да напаѓаат за да во 59’ преку Андреј Симевски го постигнат и третиот погодок.

По овој примен гол домашните играчи се предадоа  и како од тој момент одвај да чекаа судијата да отсвири крај на натпреварот, бидејќи ниту имаа мотив ниту знаење да парираат на противникот а доколку на голот го немаа Ѓорѓи Јованоски сигурно уште 3-4 пати ќе вадеа топката од мрежата.

Сепак „жолто-сините“ без ниту еден удар кон противничкиот гол во втората минута од судиското надополнување постигнаа погодок, поточно гостинскиот играч Кристијан Таневски сакајќи да ја врати топката кон својот голман си постигна авто-гол.

И додека гостите чекаа знак од судијата да тргнат од центарот на големо изненадување на присутните, искусниот Дарко Алексовски кој воедно е и капитен на „Каменица Саса“ со доста примитивно и навистина несфатливо однесување почна да гестикулира кон трибините со што го иритира и онака нервозниот дел кај домашната публика. Добро е што набргу беше отсвирен крај на натпреварот па малку главите се оладија и не дојде до нешто што никој не го посакува. Однесувањето на Алексовски беше пред самиот четврти судија и пред делегатот па малку е чудно што не беше информиран главниот судија за да Алексовски кој некогаш ги бранеше и боите на „Осогово“ биде казнет.

Кога се ќе се собере „Осогово“ со овој потенцијал на играчи и ваков Стручен штаб и не заслужува да игра во второлигашката конкуренција.

Резултати од 14-тото коло:

Осогово – Каменица Саса  1:3

Вардар – Вардарски  6:1

Скопје – Новаци  2:0

Кожуф – Победа   1:0

Детонит Плачковица – Башкими  3:1

Брегалница – Охрид  2:0

Борец – Беласица  0:1

Македонија ГП – Аресими  1:0

С.  Ивановски

КОМЕНТАРИТЕ  СО  НАВРЕДЛИВА  СОДРЖИНА  И  ВУЛГАРНОСТИ  ЌЕ  БИДАТ  ИЗБРИШАНИ