По минатонеделниот избор на Александар Андов за претседател на ОФС „Кочани“, љубителите на фудбалот во Кочани а посебно навивачите на ГФК „Осогово“ со право се прашуваат кој ќе седне на жешкото столче и ќе го води клубот низ пролетните немирни води, се со цел зачувување на второлигашкиот статус.
Чаршијата како чаршија е полна со шпекулации, секојдневно некое ново име се „седнува“ на тренерската клупа, но сепак кај повеќетемина фигурира името на некогашниот Шеф на Стручниот штаб на „Осогово“, Крсте Крстев.
Крстев во изминатиот период се покажа како стручњак кој со своето искуство доколку му се обезбедат добри услови за работа знае и те како да направи тим кој рамноправно ќе се носи со сите противници.
На нашето прашање дали Крстев ќе биде новиот Шеф на стручниот штаб на „Осогово“ не добивме ниту позитивен одговор ниту негативен, но факт е дека тој во моментот се двоуми која понуда да ја прифати од двете преостанати што доаѓаат од два второлигашки клуба.
Времето брзо минува и во „Осогово“ доколку сакаат на пролет со спремна екипа да истрчаат на зелениот терен ќе треба час поскоро да го најдат човекот кој ќе го води тимот во борбата за опстанок.
С. Ивановски