ЌЕ СЕ РЕКОНСТРУИРА ТЕРЕНОТ И СОБЛЕКУВАЛНИТЕ НА СТАДИОНОТ „НИКОЛА МАНТОВ“ ВО КОЧАНИ

Во Спорт
март 19, 2024
1 минути

УО на ФФМ го усвои барањето на Општински Фудбалски Сојуз – Кочани поднесено на 26.06.2023 година и го внесе како дел од проектот за  подобрување на фудбалската инфраструктура во државата.

По тој повод Александар Андов – претседател на Општински Фудбалски Сојуз – Кочани денес одржа прес-конференција со медиумите во Општина Кочани на која даде образложение за нивното барање и за одговорот што го добија како Сојуз од страна на ФФМ.

Имено на 26.06.2023 година ОФС Кочани како членка на ФФМ упати барање до ФФМ да помогне во реконструкцијата на Градскиот стадион „Никола Мантов“ – Кочани, односно да бидат внесени во  проектот за реконструкција, а финансиите да бидат обезбедени од страна на ФФМ.

Конкретно, барањето е да се изврши реконструкција на подтрибинскиот простор, односно соблекувалните  на стадионот „Никола Мантов“, како и поставување систем за прскалки и тајмер за пуштање на прскалките за наводнување на теренот.

Паралелно со барањето се бара да се одобрат и средства за поставување на монтажни (панел) соблекувални на фудбалскиот терен „Масалница“ во населбата Оризари за да освен ФК „Младост Тошев“ истиот го користат и други екипи од Општина Кочани.

УО на ФФМ засега позитивно одговори на барањето на ОФС Кочани за реконструкција на теренот и соблекувалните на стадионот „Никола Мантов“ , додека за одобрување средства за монтажна (панел) соблекувална на фудбалскиот терен „Масалница“ во населбата Оризари уште нема донесено одлука.

Реконструкцијата на стадионот „Никола Мантов“ како што беше истакнато на прес конференцијата би започнала по завршувањето на тековната фудбалска сезона.

Андов исто така  истакна дека во иднина од страна на ОФС – Кочани до ФФМ ќе следуваат и други барања со цел да се подобрат условите за тренинзи и одигрување натпревари во другите фудбалски градови кои гравитираат и се дел од ОФС – Кочани.

С.  Ивановски

КОМЕНТАРИТЕ  СО  НАВРЕДЛИВА  СОДРЖИНА  И  ВУЛГАРНОСТИ  ЌЕ  БИДАТ  ИЗБРИШАНИ