(ОДГОВОР НА ОБЈАВЕНИОТ ТЕКСТ ВО ЈАВНОСТА ОД КОАЛИЦИЈАТА ЗА ЗАШТИТА НА ДЕЦАТА И РОДИТЕЛСКИ ФРОНТ)
Општина Кочани ја отфрла грубата манипулација на здруженијата Коалиција за заштита на децата и Родителски фронт во текстот под наслов „Општина Кочани против децата и родителите“, објавен во јавноста на 7 декември 2023 година.
Поединци и граѓански здруженија објавуваат лажни вести и даваат свои толкувања полни со невистини за активност на Општина Кочани и на ОУ „Раде Кратовче“, со што го кршат угледот на институциите, шират лаги и ги доведуваат во заблуда граѓаните на Кочани, посебно родителите и учениците.
Општина Кочани реализираше едукативен настан во рамките на кампањата „16 дена против родово базирано насилство“, чија цел е препознавање и спречување на насилството во различни средини. Едукацијата во ОУ „Раде Кратовче“ беше реализирана со едукаторка која повеќе години работела во борба против трговијата со деца. Неоснованите напади врз Општина Кочани („против децата и родителите“) отвораат простор за сомнеж во мотивите со кои настапуваат овие граѓанските здруженија кон активност спроведувана и во други институции, преку програмата „Ромактед“, фаза 2.
Општина Кочани ја повикува јавноста да ги проверува изворите, компетенцијата на лицата и профилите на граѓанските здруженија што излегуваат со информации со кои ги заплашуваат родителите и децата и ја искривуваат сликата за активности кои се спроведуваат по важечки закон од 2012 година. Исто така, апелира до родителите да не дозволуваат децата да се користат за собирање политички, верски или какви било други предизборни поени.
За ширење лажни вести и доведување во заблуда на јавноста, Општина Кочани ќе реагира до надлежните со соодветни поднесоци.
Општина Кочани
КОМЕНТАРИТЕ СО НАВРЕДЛИВА СОДРЖИНА И ВУЛГАРНОСТИ ЌЕ БИДАТ ИЗБРИШАНИ