НИ СЕ ПОВТОРИ „ПУЛС“, ПРВО НИ СЕ СЛУЧИ ПА РЕАГИРАВМЕ

јули 23, 2026
0 минути

Требаше да ни се случи палењето на депонијата во неделата, па да дојде невремето во вторникот за да се организираат Штабот за заштита и спасување при Општина Кочани и Локалниот совет за превенција, како и Кризниот штаб за заштита и спасување.

Значи и овој пат прво чекавме нешто да ни се случи, исто како и „Пулс“ за да се состанат и да бараат решение за излез од она што се имаше случено.

Дали е така според актите не ни е познато но на мислење сме дека ако не повеќе барем еднаш во три месеци и кога нема потреба треба да се состануваат, да ги скенираат евентуалните извори на проблемите за да уште во самиот момент се реагира. Вака како што сега стојат работите се реагира (состануваат) по случувањата кога ефектот не е толку голем.

Ако не знаеме како да ја организираме целата работа потребно е да се вратиме без да се срамиме во реакциите на претходниот систем (Југославија) кога постоеше СВОЗ (Сите во одбрана и заштита) и кога во Месните заедници секој месец се остануваа членовите на тие штабови и го подготвуваа на некој начин населението за евентуалното негово реагирање во даден момент.

Ништо не е срамно ако се преземе од некого она што даваше резултати.

Затоа господа, засукајте си ги ракавите, состанувајте се сé почесто, скенирајте ги евентуалните проблеми што можат да иницираат штети за да не биде после доцна.

Пред повеќе од шеснаесет месеци ни се случи „Пулс“, последиците ни се познати така да сега после оваа трагедија сите состаноци, сите активности се залудни а резултатите речиси никакви.

Затоа не дозволувајте уште еднаш да се случи ова што на почетокот на оваа седмица му се случи на Кочани, без чекање, подготвеноста мора да биде на максимум.

С.  Ивановски

КОМЕНТАРИТЕ  СО  НАВРЕДЛИВА  СОДРЖИНА  И  ВУЛГАРНОСТИ  ЌЕ  БИДАТ  ИЗБРИШАНИ  А  НИВНИТЕ  АВТОРИ  БЛОКИРАНИ