За само две години од првиот настап новиот рок бенд од Кочани „Корка“ тивко но сигурно зачекорува да ја освојува Македонската музичка сцена. Звукот на музиката која ја негуваат ја комбинира суровоста, енергијата и тематската апатија што ја отсликува реалноста на младите во денешно време.
Со изразена DIY естетика, мрачна атмосфера и текстови кои се движат од апсурд до социјален коментар музичкиот бенд „Корка“ остава впечаток како еден од најсвежите гласови на македонската алтернативна сцена.
Инаку самиот бенд се формира некаде во месец Јуни 2023 година а сериозно со музика започнува да се занимава од месец Мај следната година Првиот официјален настап пред кочанската публика го имаат на 26.06.2024 година во кафе бар „View“ по што започнува бендот да се движи во нагорна линија. Набргу следуваше нивниот настап на „Летната сцена“ на НУЦК „Бели Мугри“ каде имаа заеднички свирка со музичкиот бенд „Harakiri“ од Скопје.
Дека нивната музика е прифатена од младите во Македонија е потврда што добриот глас далеку се слуша па групата набргу добива покана за настап и надвор од границите на Македонија.
Својот прв официјален меѓународен настап го имаат во Белград заедно со бендот „Chambre des- sourds#“.
„Корка“ ја сочинуваат пет млади, талентирани и преди се работливи млади луѓе: Ненад Стојанов – бас гитара и вокал, Давид Лазаров – гитара, Борис Медарски – гитара, Анастасија Стоименовска – вокал и Вики Петрова – тапани.
Деновиве бендот „Корка“ го презентираа својот музички првенец кој ниту е ЦД, ниту ЛП, ниту сингл, туку едноставно нешто помеѓу сите тие.
Дефинитивно, музиката што ја презентира бендот „Корка“ е прифатена од младите а и повозрасните кои имаат префинет слух. Времето работи за нив.
С. Ивановски
КОМЕНТАРИТЕ СО НАВРЕДЛИВА СОДРЖИНА И ВУЛГАРНОСТИ ЌЕ БИДАТ ИЗБРИШАНИ