ЛИКВИДИРАН ПОЖАРОТ ВО СЕЛАТА ВРБИЦА И СОКОЛАРЦИ

август 16, 2023
1 минути

По десетчасовна битка со сите расположливи ресурси на Територијалната противпожарна единица – Кочани, со поддршка од Доброволното противпожарно друштво – Кочани, ТППЕ од Штип и Свети Николе, од Национални шуми, Центарот за управување со кризи и Дирекцијата за заштита и спасување – ликвидиран е пожарот на територијата на Чешиново-Облешево.

Командирот на кочанската ТППЕ Драган Апостолов соопшти дека од вчера, кога во 13:11 ч. пристигнала дојавата за пожар на отворено во атарот на селото Врбица, Единицата целосно била мобилизирана. Оганот зафатил сува трева и нискостеблеста шума и со ветерот брзо се ширел кон селото Соколарци, па по стручна процена била побарана помош од воздухоплови. Интервенцијата со авиони и хеликоптери помогнала пожарот да се локализира. Сепак, ветрот со променлив правец префрлил огнени јазици и кон злетовското село Бунеш, кон Свиланово и Рајчани. Дежурните екипи доцна во ноќта го стабилизирале огнот, а утрово тој е целосно ликвидиран.

Заблагодарувајќи им се на поддршката на сите служби и поединци, како и на месното население што доброволно се вклучило во гасењето на пожарот, командирот Апостолов  потсетува на важноста на забраната за движење во шума и повикува на совесно и внимателно однесување со огнот, затоа што штетите од пожарите носат опасност по здравјето на сето население.

Општина  Кочани

КОМЕНТАРИТЕ  СО  НАВРЕДЛИВА  СОДРЖИНА  И  ВУЛГАРНОСТИ  ЌЕ  БИДАТ  ИЗБРИШАНИ