„МЕЃУ ЅИДОВИТЕ“ НОВ МАКЕДОНСКИ ПСИХОЛОШКИ КРАТКОМЕТРАЖЕН ФИЛМ

Во Филм
јули 10, 2026
1 минути

Меѓу Ѕидовите“ – нов македонски психолошки краткометражен филм што ја истражува вината и човечката потсвест
Македонската продукција Cosmic Films го најавува новиот психолошки краткометражен филм „Меѓу Ѕидовите“ (Between the Walls) во режија на Филип Димитриевски. Филмот во моментов е во финална фаза на пост продукција и премиера е планирана наскоро во 2026 година во Скопје, а се очекува и проекција и во градот Кочани.
Филмот претставува психолошка драма што ги истражува темите на вината, моќта, траумата и илузијата за слободата. Во центарот на приказната е Бобан Алексовски во улога на Марко Ангелов, богат и влијателен бизнисмен кој, по трагичната смрт на својата сопруга Ана, започнува нов живот во куќа во предградие на Скопје. Она што на почетокот изгледа како обид за нов почеток, постепено се претвора во вознемирувачко патување низ неговата потсвест.
Како што дејството се развива, Марко станува сè поизолиран и неговото однесување добива необични размери. Тој пишува по ѕидовите, ги покрива со листови хартија, го демонтира сопствениот дом и на крајот целосно ги напушта основните услови за живот. Неговите постапки откриваат внатрешна борба со спомените, вината и сенките од минатото кои не престануваат да го прогонуваат.
Во актерската екипа се издвојува Марина Гоцевска од Кочани, која ја толкува една од главните улоги – ликот на Ана, чија појава и присуство се клучен двигател на психолошката приказна. Во улогата на инспекторот Марија настапува Марија Михаилова, која преку својот лик придонесува за постепеното разоткривање на мистеријата и внатрешните конфликти што го следат главниот лик.
Според авторот, „Меѓу Ѕидовите“ е личен проект инспириран од човечкиот страв од осуда и потребата за прифаќање. Филмот настојува да ја прикаже тишината што често ги крие најсилните емоции, како и тензијата што настанува кога минатото одбива да остане зад нас. Продуценти на филмот се Филип Димитриевски и Анастасија Ѓорѓиевска, директор на фотографија е Ева Божиновска а сценограф е Тамара Милојеска и Галена Огненовска.
„Меѓу Ѕидовите“ има амбиција да биде филм што не нуди едноставни одговори, туку отвора прашања за природата на вината, личната одговорност и границата помеѓу реалноста и психолошката перцепција. По премиерата во Скопје, филмот се очекува да го започне своето фестивалско патување пред домашната и меѓународната публика на различните фестивали. Повеќе детали многу наскоро.

КОМЕНТАРИТЕ  СО  НАВРЕДЛИВА  СОДРЖИНА  И  ВУЛГАРНОСТИ  ЌЕ  БИДАТ  ИЗБРИШАНИ  А  НИВНИТЕ  АВТОРИ  БЛОКИРАНИ