НА ПОНИКВА СЕ ОДРЖУВА ЕДУКАТИВЕН КАМП ПО ИНФОРМАТИКА

август 23, 2025
1 минути

Во организација на Здружението „Бистри умови“, со поддршка од Здружението на информатичари на Македонија и од Општина Кочани, неделава десетина најдобри и талентирани млади информатичари од Македонија учествуваат на подготвителниот камп за националните информатички тимови.

Ментори на најдобрите информатичари од Македонија се професори од Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство – ФИНКИ, кои истакнуваат дека покрај онлајн подготовките, ова се вистински подготовки кога сите ученици се на едно место 24 часа, со можност да им се пренесе што повеќе знаење. Во подготовките помагаат и студенти од ФИНКИ кои претходно учествувале на меѓународни натпревари.

Поддршка за идните настапи на меѓународна сцена на младите информатичари им даде в. д. градоначалникот Венко Крстевски, кој со организаторите и со менторите размени мислења за можностите за натамошно унапредување на соработката.

Претседателката на „Бистри умови“ Анита Атанасова-Грчев соопшти дека здружението организира и неколкумесечни бесплатни курсеви по математика и информатика, на кои претходната година учествувале 1700 ученици од цела Македонија.

Годинашнава светска олимпијада по информатика веќе се одржа во Боливија, каде што македонските информатичари постигнаа досега најдобри резултати – два сребрени медала. Претстојат Балканската олимпијада што ќе се одржи во Италија, Европската јуниорска олимпијада – во Шумен во Бугарија и Балканската јуниорска олимпијада во Кипар.

КОМЕНТАРИТЕ  СО  НАВРЕДЛИВА  СОДРЖИНА  И  ВУЛГАРНОСТИ  ЌЕ  БИДАТ  ИЗБРИШАНИ  А  НИВНИТЕ  АВТОРИ  БЛОКИРАНИ