Ноќта во неделата кон понеделникот некој добро се забавувал со не одамна засадените цвеќиња во бетонските жардинјери во централното градско подрачје.
Имено жардинјерите кај малиот парк спроти „Шопинг центарот“ и од мостот кај „Шопинг центарот“ до мостот кај Плоштадот се уништени. Некој, или некоја група несметано си работела во текот на ноќта па откорнувала цвеќиња со корени и некаде ги носела, а оние кои не можеле со корен да ги извадат им ги кршеле стебленцата и ги оставале во жардинјерите.
Знаеме дека со ваквите информации сме им досадни на дел од читателите, но мораме да предизвикаме внимание посебно кај оние кои треба да го спречат ваквиот вандализам.
Некој да извади толку цвеќиња не е можно за пет или десет минути, очигледно требало подолго време, и малку чуди што никој ниту го забележал, или не сакал да го забележи.
Навистина штета е секојдневно да се уништува она што треба да му даде посебна убавина на градот.
Ако не може никој да го спречи овој вандализам нека Советот изгласа да се воведе полициски час само за општина Кочани од 24:00 до 06:00 часот па можеби тогаш ќе се сочува она што малку убаво остана во општината.
С. Ивановски