По обилните снежни врнежи кои започнаа во текот на вечерните часови, утрово КЈП „Водовод“ – Кочани интервенираше на терен со расчистување на улиците и тротоарите според приоритетите, согласно Програмата за зимско одржување којашто е делигирана како обврска на комуналното претпријатие.
КЈП „Водовод“ на терен интервенираше со два трактори и машина за чистење на снег, трактор со сеалка и нож, дванаесет метачи кои ги расчистуваа тротоарите, а беа употребени и пет тони сол и осум метри кубни песок кои беа расфрлани на сообраќајниците. КЈП „Водовод“ останува на терен во текот на вечерта и утрешниот ден, кога се најавуваат нови врнежи на снег.
„Сите дежурни екипи на КЈП ВОДОВОД КОЧАНИ се на терен, сите ресурси со кои се располага се користат, сите служби кои се дежурни ќе бидат во 24 часовна припремност. Оспособени се главните крстосници и улици, пристапи до виталните институции, градинки, итната медицинска помош и напоредно со тоа и периферните улици се чистат со целокупната механизација со која што располага јавното претпријатие.
Заедно со градоначалникот на Општина Кочани бевме на терен и ќе ја следиме работата на дежурните служби“ објави на својот профил Кирил Ковачки в.д. директор на КЈП „Водовод“ – Кочани.
Истовремено избраниот економски оператор „Калина“ Дооел ангажиран од Општина Кочани ги расчистува и патиштата кон кочанските рурални и ридско-планинските терени.
КОМЕНТАРИТЕ СО НАВРЕДЛИВА СОДРЖИНА И ВУЛГАРНОСТИ ЌЕ БИДАТ ИЗБРИШАНИ