По иницијатива на Општина Кочани, а со цел итно да се одговори на потребата од постојано обезбедување на Градската депонија во Кочани, утрово градоначалникот Љупчо Папазов и секретарот Драган Ананиев остварија средба со претставници на Доброволното противпожарно друштво – Кочани.
„Имајќи ја предвид актуелната состојба, а врз основа на капацитетите со кои располага Кочани, решивме да му понудиме на Доброволното противпожарно друштво да се вклучи во обезбедувањето на Градската депонија во Кочани, со тоа што ќе ја преземе третата смена од чуварската служба. Доброволните пожарникари досега покажаа посветеност, ажурност и претставуваат значајна алка во граѓанскиот сектор на Кочани. Очекуваме да го прифатат предлогот и овојпат да бидат силна поддршка на КЈП „Водовод“ во решавањето на еколошкиот проблем со кој се соочува Кочани“ информира градоначалникот Папазов.
За вклучувањето на Доброволното противпожарно друштво во обезбедувањето на Градската депонија во Кочани, ќе бидат издвоени средства од општинскиот буџет, надомест за ангажманот на доброволните пожарникари.
ИЗВОР: Општина Кочани
КОМЕНТАРИТЕ СО НАВРЕДЛИВА СОДРЖИНА И ВУЛГАРНОСТИ ЌЕ БИДАТ ИЗБРИШАНИ