Општина Кочани и Центарот за обука и едукација за заштита од пожари „Пегаз-еду“ од Битола воспоставија меѓусебна соработка со цел да се унапреди едукацијата, заштитата и превенцијата на населението од пожари, како и за стручно усовршување на пожарникарските служби.
Договорот за соработка денеска го потпишаа градоначалникот на Општина Кочани, Владко Грозданов и претседателот на Центарот за обука „Пегаз-еду“, Сашо Атанасовски. Со договорот е предвидено Општина Кочани, преку Територијалната противпожарна единица и Доброволното противпожарно друштво – Кочани, а со стручна поддршка на „Пегаз-еду“, да го оспособи специјално опремениот полигон за реализирање на практичниот дел од обуките.
Обуките ќе се реализираат преку тренинг-вежби на полигонот и преку стручни теоретски предавања, а ќе бидат наменети за професионалните пожарникари од ТППЕ – Кочани и членовите на ДПД – Кочани. Теоретскиот и практичниот дел од обуката ќе се спроведуваат според наставната програма „Пожарникар“, со користење на потребната техника и опрема со која располага ТППЕ – Кочани.
Со оваа соработка се создаваат услови за унапредување на капацитетите на противпожарните служби, зголемување на безбедноста на граѓаните и подигнување на нивото на подготвеност за справување со пожари и други ризици.

КОМЕНТАРИТЕ СО НАВРЕДЛИВА СОДРЖИНА И ВУЛГАРНОСТИ ЌЕ БИДАТ ИЗБРИШАНИ А НИВНИТЕ АВТОРИ БЛОКИРАНИ
