ОТСТРАНЕТ СЕРИОЗЕН ДЕФЕКТ НА ДЕСНИОТ МАГИСТРАЛЕН КАНАЛ ВО АТАРОТ НА ОРИЗАРИ, ВОДАТА ОД БРАНАТА „КАЛИМАНЦИ“ ЗАПРЕНА 24 ЧАСА

јули 19, 2022
0 min read

Десетина работници со опрема и механизација на водостопанската подружница „Брегалница“ од Кочани беа ангажирани во изминатото деноноќие на отстранување на сериозен дефект на десниот магистрален канал од хидросистемот „Брегалница“.

Поради огромниот воден притисок дошло до оштетување на механизмот за контрола на испустот, но со брзата интервенција спречени се поголеми загуби на вода и поплавување на дел од површините засеани со житни култури.

„Вчера околу 14 часот дојде до пукање на челичниот затворач на водата со кој таа од магистралниот канал се дистрибуира во каналската мрежа за наводнување на површините во атарите на селата Оризари и Прибачево. Со брза интервенција, го запревме испуштањето на вода од браната Калиманци и десниот магистрален канал беше целосно испразнет, по што нашите работници почнаа со отстранување на дефектот. Се работи за голема количина вода од околу 10 кубни метри, а поради големиот притисок и дотраеноста на дел од механизмот за затворање на испустот, настанало оштетување на металната врата и водата без контрола почнала да се излева во нивите“, истакна Благојчо Богатинов, в.д. директор на водостопанската подружница „Брегалница“.

Прекинот на десниот магистрален канал траеше 24 часа и во овој период без вода за наводнување останаа земјоделски површини во полињата во Кочанско и во дел од Пробиштипско и Светиниколско.

Од Водостопанската подружница во Кочани информираа дека санирањето на дефектот е веќе завршено, поставен е нов механизам за затворање и во текот на доцните попладневни и часови водата во хидросистемот повторно ќе потече до нивите во регионот.

ИЗВОР: ТВ Канал 8