Преку промоција на културно историски, верски локалитети и гастрономски специјалитети и ракотворби, викендот на месноста „Дабот“ во близина на с. Бели се одржа Завршен настан за презентирање на резултатите од проектот „Запознај ги убавините на општина Кочани“, кој во претходните дванаесет месеци во општина Кочани го имплементираа Здружението „Еко Тим Исток“ – Кочани во партнерство со „Здружението на бизнис жени“ – Скопје.
Оваа активност се реализираше во рамките на „Регионалната програма за локална демократија на Западен Балкан 2 – ReLOaD2“, која е финансирана од Европската унија (ЕУ), а ја спроведува Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП). Проектот е кофинансиран од Општина Кочани.
Целта на проектот е искористување и промоција на културно-историското наследство, природните убавини и гастрономија во општина Кочани преку креирање на богата и разновидна туристичка понуда. Целна група беа 22 жители на општина Кочани (12 мажи и 10 жени), од кои 14 ќе бидат идните промотори на туризмот и креатори и реализатори на конкретни туристички тури.
„Кога пред една година го започнавме проектот, ние како спроведувачи на проектот, не бевме свесни за богатството од знаменитости, верски локалитети, културни манифестации со кои располага општина Кочани. За наше огромно задоволоство, на повикот за пријавување на лица кои ќе бидат обучени за промотори на туризмот во општина Кочани, се пријавија лица кои се практично жива енциклопедија и одлично го познаваат секое парче земја. Нивното знаење, во комбинација со нашето искуство во делот на туризмот, планирање и креирање на понуди се покажаа како одлична основа за развивање на рурален и алтернативен туризам, конкретно културно-историски, верски туризам и гастрономија. За почеток креиравме неколку конкретни туристички понуди, меѓутоа тимот има капацитет за организирање и реализирање на голем број на различни понуди за туристи со различни барања, различна возраст и физичка подготвеност“ изјава на Ирена Мирчовска – координатор на проктот.
Постигнати резултати од проектот се: – Идентификувани и развиени над 30 локални туристички можности за културно-историски, верски туризам и гастрономија; – Развиени капацитети за културно-историски, верски туризам и гастрономија – 14 локални промотори на туризмот и креатори и реализатори на конкретни туристички тури; – Зголемена видливост на потенцијалите на културно-историски, верски туризам и гастрономија преку креирање на електронски он – лине каталог за промоција на туристички капацитети на општина Кочани; – Исчистени и доуредени три туристички локалитети во општина Кочани.
КОМЕНТАРИТЕ СО НАВРЕДЛИВА СОДРЖИНА И ВУЛГАРНОСТИ ЌЕ БИДАТ ИЗБРИШАНИ