До порталот „комарец“ во текот на денешниот ден пристигнаа повеќе фотографии и реакција на наши сограѓани од Централното градско подрачје, а причината е ненавременото собирање на сметот. Дописот го објавуваме во целост.
„Почитувани,
ние граѓаните кои живееме во централното градско подрачје последните денови сме сведоци како вработените во комуналното претпријатие задолжени за собирање на ѓубрето не го собираат отпадот од контејнерите. Ваквата ситуација се повторува секое утро, вработените само поминуваат и собираат по некое ќесе или вреќа, а контејнерите не се истовараат во камионите и не се празнат.
Особено сме загрижени поради тоа што веќе неколку денови не се подигнати повеќето подземни контејнери и истите не се испразнети воопшто. Поради ова граѓаните се приморани наместо во садовите т.е. подземните контејнери, своето ѓубре да го оставаат до подземните контејнери или до контејнерите на улиците, а тоа подоцна е разнесено од кучињата скитници оставајќи грда слика за нашиот град.
Бараме Водовод да ги подигне подземните контејнери навреме и да го изнесе ѓубрето за да не се дозволи ширење на непријатна миризба како и ширење на заразни болести од ѓубрето кое стои таму повеќе денови.
Се надеваме дека нашата граѓанска реакција ќе биде примена добронамерно од раководството на Водовод и во иднина нема да има проблеми со изнесувањето на ѓубрето за која услуга дебело плаќаме.
Граѓански поздрав„
КОМЕНТАРИТЕ СО НАВРЕДЛИВА СОДРЖИНА И ВУЛГАРНОСТИ ЌЕ БИДАТ ИЗБРИШАНИ