САШКО И ЏИЏИ ПИОНЕРИ НА НОЌНИТЕ СВИРКИ ПО УГОСТИТЕЛСКИТЕ ОБЈЕКТИ ВО ГТЦ – КОЧАНИ

јули 19, 2023
0 минути

Човек додека е жив се учи, секој ден  на нова средба, нови сознанија. Така, додека денес по ова енормно топло време разговаравме по кафулињата со наши сограѓани кои одамна се заминати некаде во друга земја за да си го заработат лебот, случајно со нашиот Џиџи (Благој Стојанов) отворивме една интересна тема, тема за ноќните свирки по угостителските објекти особено на оние во Градскиот Трговски Центар во Кочани.

Џиџи како Џиџи ни презентираше една новина која прв пат искрено ја слушнавме а за да се увериме во автентичноста на ова негово тврдење побаравме писмено да ни објасни за што станува збор.

По кратко време ни пристигна порака во која се вели:

„Здраво Славчо, сакам еве со тебе а и преку твојата страна да споделам еден податок до останатите мои сограѓани а се однесува за нашата Кочанска музичка сцена. Можеби за некого ова не е од голема важност, но со оглед на тоа дека Кочани во моментот има голем подем на млади, талентирани и квалитетни музичари кои се професионално ангажирани за ноќни свирки по кафетериите и пабовите во Трговскиот центар во Кочани, сметам дека треба да се знае. Навистина би ми било чест да споделам со нив еден податок за кој можеби и не знаат а еве што и ти ми кажуваш дека не си запознаен. Имено јас и Сашко Велков сме првите музичари кои започнаа да ја реализираат идејата на забава во кафе баровите во Трговскиот центар во Кочани. Со нашите ноќни свирки најпрвин  ги забавувавме гостите во кафе баровите Чарли и Сан Паули кои во тој период беа преполни. Се дружевме, свиревме и се забавувавме што даваше еден посебен белег на ноќниот живот во нашиот град. Можеби за некого ова навистина нема ништо да значи, но редно е да се знае бидејќи од ден на ден, од година на година Кочани се менува а се менува и составот на населението“.

Џиџи во свој стил ни го долови она кое тој и Сашко го започнаа некаде пред повеќе од дваесет години.

Епа Џиџи пријателе, ти благодарам на информацијата.

С.  Ивановски