СЕ ОДРЖА ЈАВНА РАСПРАВА ЗА ПРОЕКТОТ ЗА ВОСПОСТАВУВАЊЕ РЕГИОНАЛЕН СИСТЕМ ЗА УПРАВУВАЊЕ СО ОТПАДОТ ВО ИПР

декември 14, 2024
0 минути

Вечерва, во салата на Мултикултурниот центар во Кочани се одржа јавна расправа за Проектот за воспоставување регионален систем за управување со отпад во Источниот Плански Регион, проект од програмата ИПА 2.

На јавната расправа присуствуваа градоначалникот Љупчо Папазов, пратеникот Миле Лефков и претставници од четири институции: Општина Кочани, КЈП „Водовод“, МВР и од Центарот за социјални работи – Кочани.

Отсуствуваа претставници од Министерството за животна средина, поради што дел од присутните граѓани уште на самиот почеток го напуштија настанот.

По дискусијата за досегашното и натамошното функционирање на Градската депонија во Кочани, единствен е ставот дека таа треба да се затвори.

Претстојниов период МВР – Одделение за внатрешни работи – Кочани ќе ја даде својата поддршка во зачестено патролирање, Центарот за социјални работи преку Министерството за социјални работи има насоки за постапување при евентуална појава на малолетници на ѓубриштето, а КЈП „Водовод“ ќе работи според проектните протоколи за транспорт и третман на отпадот.

Општина Кочани стои зад барањата на граѓаните, коишто ги поддржува и Владата,  со цел да се оди во правец на конечна реализација на Проектот за воспоставување регионален систем за управување со отпад во ИПР, односно за затворање на депонијата во Кочани и отворање на регионална депонија во Мечкуевци, Светиниколско.

Наредниот период Општина Кочани ќе направи напори да обезбеди средба на граѓаните на Кочани со претставници од Министерството за животна средина.

Општина  Кочани

КОМЕНТАРИТЕ  СО  НАВРЕДЛИВА  СОДРЖИНА  И  ВУЛГАРНОСТИ  ЌЕ  БИДАТ  ИЗБРИШАНИ