Во текот на вчерашниот ден од ГФК „Осогово“ стигна соопштение во кое беа претставени пет нови играчи кои го засилија составот на кочанскиот второлигаш и се ставаат на располагање на стручниот штаб во пролетниот дел на првенството во Втора фудбалска Лига.
Тоа е јасен показател дека „жолто-сините“ во борбата за зачувување на второлигашкиот статус ќе настапат во доста изменет состав.
Ако досега „Осогово“ се засили со петмина играчи во исто време остана без четворица од кои тројца беа во стандардниот состав есеноска.
Кочанчани најпрвин се разделија со Фикрет Љиварека и Даути Даут, а на денот кога стартуваа со подготовките со исписница во џебот си замина и стандардниот одбранбен играч Дарио Методиевски.
И кога се помисли дека нема веќе кој да ги напушти редовите на кочанчани, како гром од ведро небо одекна веста дека подготовките ги напуштил несомнено моментно најдобриот играч на „Осогово“ Стојче Стојов. Стојов замина на привремена работа во Германија но неговото заминување остави длабока празнина во редовите на „жетварите“.
Дали во меѓувреме ќе има нови засилувања или пак заминувања не може со сигурност да се каже бидејќи понекогаш нештата се менуваат од минута во минута.
С. Ивановски
КОМЕНТАРИТЕ СО НАВРЕДЛИВА СОДРЖИНА И ВУЛГАРНОСТИ ЌЕ БИДАТ ИЗБРИШАНИ