СТОТИНА ПРИЈАВИ ЗА ШТЕТА ОД НЕВРЕМЕТО ВО КОЧАНИ СЕ ПОДНЕСЕНИ ДО ОПШТИНСКАТА КОМИСИЈА ЗА ПРОЦЕНКА

август 8, 2022
1 минути

Над сто пријави до Општинската комисија за проценка на штета од елементарни непогоди поднеле граѓаните на Кочани за утврдување материјални штети во простории за домување и во комерцијални објекти, предизвикани од поплавата при неодамнешното невреме.

По истекот на рокот за пријавување што траеше до почетокот на минатата недела, во Комисијата се евидентираат сите добиени барања, а за голем дел од нив веќе е направен увид и записник на лице место.

„Најголем број од добиените пријави се однесуваат за штети кај поплавени приземни простории за живеење и подрумски простории во куќи, како и за продажни и магацински простории во Градскиот трговски центар. Има и пријави за четири оштетени автомобили, за однесени потпорни ѕидови, како и за поплавување во јавни институции и стопански капацитети. Целата постапка за евидентирање сè уште трае, се разгледуваат и анализираат доставените докази и податоци од пријавителите, по што ќе се изготви комплетен елаборат за состојбата. Според законската процедура, тој ќе биде доставен до владината Комисија за проценка и утврдување на висината на штета од елементарни непогоди, од каде треба да се определи на кој начин и за колку барања ќе се постапува за евентуално обештетување“, истакна Зоран Христов, претседател на Општинската комисија за проценка на штети од елементарни непогоди – Кочани.

Поплавувањето на објектите и проблемите во функционирањето на комуналната инфраструктура во Кочани пред две недели беа предизвикани од големо невреме со обилни врнежи од дожд и град, проследено со силни атмосферски електрични празнења.

Од Локалната самоуправа веднаш упатија апел до сопствениците на објекти кои претрпеле штета од невремето, да поднесат пријава до Комисијата за проценка, при што требаше да приложат копија од имотен лист или друг документ за докажување на сопственоста, како и фотографии од настанатата штета.