По девет години поминати во клубот, одиграни 238 натпревари и постигнати 98 голови, од пред еден час Тоше Манов не е повеќе член на ГФК „Осогово“.
„За овие години имавме прекрасна соработка па затоа сакам да ве известам да ја информирате спортската јавност дека не сум повеќе член на Осогово. По девет години поминати во клубот пред околу еден час дочека сегашниот Претседател на клубот Ненад Ефтимов телефонски да ми се јави и да ме информира дека тренерот Крсте Крстев рекол дека повеќе не сметаат на мене. Редно беше да седнеме и во лице да ми се соопшти причината а не вака по телефон. Пред почетокот на пролетниот дел од првенството знаеја да седнат и отворено да не замолат да се согласиме да ни се намали платата за да функционира клубот што од моја страна и од некои други играчи беше прифатено. Ако тогаш знаеја во лице да ми кажат можеа и сега. Но тоа е завршена работа а моето разочарување си останува за мене“ ни напиша Тоше Манов во пораката што ја добивме.
По сите овие години поминати во Осогово дали ваквиот начин на отстранување од клубот е во ред оставаме да процени фудбалската јавност а нам ни останува да ја чекаме закажаната средба со Тоше Манов кој што изрази желба да седнеме и да ги отвори карпите за повеќе теми.
С. Ивановски
КОМЕНТАРИТЕ СО НАВРЕДЛИВА СОДРЖИНА И ВУЛГАРНОСТИ ЌЕ БИДАТ ИЗБРИШАНИ