ТРЕТА ФУДБАЛСКА ЛИГА – ИСТОК, ВО КОЧАНИ ПРОМОЦИЈА НА ШАМПИОНОТ

Во Спорт
мај 14, 2023
1 минути

Се одиграа натпреварите од 22-то, последно коло во Трета Фудбалска Лига – Исток. Во Кочани шампионот „Осогово“ ја пречека екипата на „Тиверија“ и со победа го прослави освојувањето на првото место.

Пред почетокот на натпреварот Градоначалникот на Општина Кочани Љупчо Папазов од името Општински Фудбалски Сојуз – Кочани на капитенот на „Осогово“ Тоше Манов му го врачи пехарот за освоено прво место, а Претседателот на „Тиверија“ Илија Панов со букет цвеќе им го честиташе освојувањето на првото место и им посака успех во бараж натпреварот.

Самиот натпревар започна со една минута молчење во знак на почит кон неодамна починатата фудбалска легенда на Кочани Славе Симеонов – Пикалски.

Иако натпреварот се одигра по ветровито време проследено со ситен дожд сепак тристотината гледачи имаа можност да видат интересен и борбен натпревар. Домаќините први се заканија на ударите на Христијан Крстов и Тоше Манов завршија во пречката. Како домаќините така и играчите на „Тиверија“ имаа шанси да го откријат резултатот но Андон Шипинов и Кико Стојанов иако беа сосема сами пред домашниот голман Симон Стојковски не успеаја да го совладаат. Во 42’ по една нафрлена топка во гостинскиот шеснаесетник најдобро се снајде Марко Соколов и ја спроведе во мрежата. Второто полувреме започна со шансата на Христијан Крстов кој иако беше сам пред гостинскиот голман Александар Гошев биеше но негова жал топката заврши во десниот дирек. Домаќините победата ја обезбедија во 56’ кога Дарко Пешовски убаво биеше од косо од 14 метри а топката заврши во гостинската мрежа.

По завршување на натпреварот Претседателот на Трета Фудбалска Лига – Исток Александар Андов на капитенот на „Осогово“ му го врачи победничкиот пехар со што прославата на играчите на „Осогово“ заедно со навивачката група „Сејмени“ и останатите гледачи можеше да започне.

Резултати од 22-рото коло:

„Осогово“ – „Тиверија“  2:0

„Брегалница сениори“ – „Вардарски“  1:1

„Рудар“ – „Малеш“  3:1

„Овче Поле“ – „Дојранско Езеро“  5:0

„Академија Чешиново-Облешево“ – „Спартмани“  1:2

Слободна во ова коло беше екипата на „Карбинци“.

С.  Ивановски

КОМЕНТАРИТЕ  СО  НАВРЕДЛИВА  СОДРЖИНА  И  ВУЛГАРНОСТИ  ЌЕ  БИДАТ  ИЗБРИШАНИ