УСПЕШНО ЗАВРШЕНА СЕЗОНАТА ЗА НАВОДНУВАЊЕ ОД ХИДРОСИСТЕМОТ БРЕГАЛНИЦА

октомври 20, 2022
1 минути

Успешно е за завршена сезоната за наводнување на земјоделското земјиште во Брегалничкиот регион кое ги користи водните ресурси на хидросистемот „Брегалница“. Во текот на пролетта и во летниот период испорачани се над 100 милиони кубни метри вода, од што најголем дел за потребите на оризовите површини во Кочанско, но и за полињата во Штипско, Пробиштипско и Светиниколско.

При денешната теренска посета на водостопанската подружница „Брегалница“ во Кочани, извршниот директор на АД Водостопанство, Љокман Љимани нагласи дека успешната сезона е резултат на ангажманот на сите вработени.

-Ги сумиравме резултатите и тие се повеќе од задоволителни. Подготовката на хидросистемот беше навремена, со рачно и машинско чистење на одводните канали, крпење на доводните канали, чистење на решетките од отпадни материјали, санација на цевки и искршени каналети и многу други теренски активности од страна на вработените во Подружницата. Со својата посветеност тие исчистија вкупно 227 илјади метри каналска мрежа. Наводнувањето го почнаа навремено, на 14 април, со искористување на проточната вода од реките Брегалница и Зрновка, а од браната Калиманци водата беше пуштена во десниот магистрален канал на 29 април. Сакам лично да им заблагодарам на сите вработени, што и покрај тешкотиите со кои се соочи АД Водостопанство, во текот на летниот период тие не ги оставија земјоделците без вода, а свесни за важноста на наводнувањето во процесот на земјоделското производство, овозможуваа непречено водснабдување до крајните корисници, истакна директорот Љимани.

И покрај зголемената испорака за наводнување од хидросистемот Брегалница во изминатите пет месеци, обезбедена е солидна заштеда на вода што ќе го олесни планирањето за наредната година.

-По завршувањето на наводнителната сезона, во акумулацијата Калиманци останаа 35 милиони кубни метри вода. Тоа е една третина од вкупниот нејзин капацитет. Очекуваме во текот на есенските и зимските месеци да има доволно врнежи и доток на вода, со што ќе можеме да го достигнеме максимумот од 115 милиони кубни метри, истакна Благојчо Богатинов, в.д. директор на водостопанската подружница „Брегалница“.

Од водостопанската подружница од Кочани нагласија дека во текот на летото само за подрачјето на Овче Поле биле испорачани 49 милиони кубни метри вода, а во полињата околу Брегалница уште 46 милиони. Испораката е поголема за десетина милиони кубни метри во однос на планираното, што е дополнителна потврда за успешно завршената сезона.

ИЗВОР:  ТБ  Канал 8