Уште раните од пожарот во дискотеката „Пулс“ печат, не почнале ниту да зараснуваат (а тешко некогаш и да зараснат) кога во четвртокот се случи нов пожар, овој пат за среќа без човечки жртви но со преголема материјална штета.
Пред повеќе од сто дена на Кочани и на Македонија и се случи „Пулс“ по кој почна потрагата по виновниците. Децата, нашите Ангелчиња си отидоа, а ние уште тапкаме во место и ги бараме виновниците, ги бараме ама не сакаме да ги најдеме. Е така работи еден несоодветен систем кој опстојува веќе 33 години на овие простори, во ова мало парче земја наречено Република Македонија.
И сега иста слика. Во четвртокот настана пожар, сите знаат како и од каде почна ама немало цврсти докази за да се посочи виновникот и да се казни онака како што предвидува законот, за штета направена во големи размери, за изгорена борова шума, за изгорена голема површина сува трева и за изгорени некои помали објекти ширејќи се пожарот кон селото Вранинци.
Виновникот треба институциите за час да го пронајдат. Почнал пожарот од населбата „Трајаново трло“ од м.в. „Диви градби“ по што се проширил во голем појас и направил огромна материјална штета.
Самиот збор „Диви градби“ кажува дека куќите на тој простор се изградени на диво и ако институциите години пред четвртокот реагирале тие дивоградби немало да постојат, тие луѓе што ги градат немало да бидат таму за да го предизвикаат пожарот.
На социјалните мрежи видовме клип во кој човек запомага за помош. Запомага да се спаси куќата што гори, а според очевидци од таму започнал пожарот. На снимката јасно се гледа дека таму нема направено пат, нема инсталирано водоводна мрежа а и приклучокот на електричната мрежа е сомнителен. За потсетување само, една седмица пред овој пожар исто така се запали куќа – дивоградба неколку метри над објектите на Пожарната, кој со брза интервенција на пожарникарите беше изгаснат. И сето тоа како да не беше опомена.
И кој е сега виновникот за сите овие несакани настани? Виновникот сме сите ние. Најпрвин ненавременото реагирање на општината, односно на нејзините институции што не ги срушила тие дивограби, а и оваа дивоградба, потоа полицијата што ненавремено реагира на со години наназад честото палење на каблите (се претпоставува дека тоа е причината за пожарот) и гумите, а кога ќе биде известена бара цврсти докази, и за крај, виновник е и самото население кое дозволува секојдневно некој нов сосед да имаме во општината без некој за такво нешто да му издал дозвола, а истото тоа население си молчи, не реагира, чека друг да ја заврши работата.
Денес, гледано од друг агол не сакаме ниту да помислиме што ќе се случеше доколку некој настрадаше во четвртокот кога беснееше пожарот, дали тогаш повторно немаше да се има желба да се отвори Пандорината кутија, дали се ќе отидеше под тепих.
И така, со денови, со месеци, со години, таков е системот кој 33 години функционира а сите ние сме тие кои го креираме и создадовме тој систем. Затоа и сите ние сме виновниците за се ова што ни се случува. До кога? Никој го нема вистинскиот одговор
С. Ивановски
КОМЕНТАРИТЕ СО НАВРЕДЛИВА СОДРЖИНА И ВУЛГАРНОСТИ ЌЕ БИДАТ ИЗБРИШАНИ