ЗАПОЧНУВА ИНСТАЛИРАЊЕТО НА ФОТОВОЛТАИЧНИ СИСТЕМИ НА ТРИ ЈАВНИ ОБЈЕКТИ ВО КОЧАНИ

април 2, 2024
1 минути

Градоначалникот на Општина Кочани Љупчо Папазов и изведувачот на работите „ТМ“ од Штип, во присуство на претставници од Центарот за развој на Источниот плански регион, денеска  го потпиша договорот за инсталација на фотоволтаични системи во Кочани, како дел од проектот „Инсталација на фотоволтаични системи на јавни објекти во Источен плански регион“.

Со овој проект на три јавни објекти во Кочани ќе бидат инсталирани фотоволтаични системи. Фабриката за вода ќе добие фотонапонска централа со моќност од 210 киловати,  СОУ „Гошо Викентиев“ – од 27,5 киловати и ОУ „Никола Карев“ – од 40 киловати.

Вкупната вредност на проектот во кој се вклучени пет општини од ИПР е 13.700.228 денари со вклучен ДДВ, од кои 12.368.566 денари се обезбедени од Буџетот на Република Северна Македонија, преку Програмата за рамномерен регионален развој за 2023 година, со индикативно планирани средства за 2024 година. Остатокот од 1.331.662 денари се обезбедени од буџетите на општините, крајни корисници на резултатите на проектот. Кофинансирањето од Буџетот на Oпштина Кочани, согласно Одлука за обезбедување на сопствено учество за проектот „Инсталација на фотоволтаични системи на јавни објекти во Источен плански регион“, e во износ од 261.477,00 денари.

Со овој проект ќе се инсталираат фотоволтаични системи на јавни објекти и во општините Штип, Карбинци, Виница и Македонска Каменица.

Општина  Кочани

КОМЕНТАРИТЕ  СО  НАВРЕДЛИВА  СОДРЖИНА  И  ВУЛГАРНОСТИ  ЌЕ  БИДАТ  ИЗБРИШАНИ