ДЕТСКАТА АМБАСАДА „МЕЃАШИ“ СО ПОДДРШКА НА ГРАЃАНСКАТА ИНИЦИЈАТИВА ПРОТИВ АЕРОЗАГАДУВАЊЕТО И ОСУДА ЗА ЗЛОУПОТРЕБАТА НА ДЕЦАТА ВО КОЧАНИ

март 24, 2022
1 минути

Детската амбасада „Меѓаши“ од Скопје дава целосна поддршка на граѓанската иницијатива против аерозагадувањето во Кочани и ја осудува злоупотребата на децата во активности што се поврзани со промовирање на субјекти кои ја нарушуваат животната средина.

На средба со членовите на Иницијативниот одбор за здрав живот во Кочани, претседателот на детската амбасада, Драги Змијанац попладнево го стави својот потпис на петицијата со која ќе се бара поддршка од странските амбасади и други меѓународни институции против континуираното загадување на воздухот во кочанскиот регион.

„Правото на живот е елементарно право што го има секое дете, а со оглед на состојбата во Кочани и со еден од загадувачите кој ги труе граѓаните и децата, мсметаме дека оваа иницијатива треба да биде целосно поддржана. Истовремено, изразуваме револт и згрозување поради тоа што деца беа изманипулирани и злоупотребени на акција за пошумување, а на кои им се поделени маици од главниот загадувач. Сето тоа во спрега со локалната самоуправа е сосема неодговорно, поради што сме разочарани и моравме да реагираме. Затоа дојдовме овде, да ја дадеме нашата поддршка на граѓаните на Кочани и да се исполни нивното барање да се постават мерни станици, но и да се заштитат здравјето и правата на децата“, истакна Змијанац.

Од детската амбасада „Меѓаши“ нагласија дека за решавање на загадувањето во Кочани мора многу поактивно да се вклучат Министерството за животна средина и Државниот инспекторат за животна средина. Во она што веќе го доставиле до Комитетот за правата на децата е дефинирана состојбата со здравјето на најмладите и воздухот, а  оттаму се очекуваат препораки што ќе бидат обврзувачки за целата држава, со што ќе се направат притисоци за да се подобри еко-сферата.